Најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар, го намачи полскиот гигант Висла Плок, во четвртото коло од Лигата на шампиони, но недоволно за победа по што мораа да се помират со четвртиот пораз  (32:33) во исто толку натпревари, во елитното натпреварување.

Двете екипи играа „гол за гол“ сè до 5:5, по што Вардар влезе во криза, а тоа знаеше да го искористи Висла за да поведе со 14:6. Скопскиот тим почна да се буди во продолжение од првото полувреме и да ја „топи“ негативата и на полувреме стигна до „минус три“ (13:16). Вардар се бореше храбро и во вториот дел и неколку пати намали на два гола разлика, но немаше среќа во клучни моменти на теренот за да го скрши отпорот на полскиот тим кој го преживеа притисокот од „црвено-црните“ во завршницата од мечот и успеа да го обезбеди третиот триумф во групата Б.

„Три од четири натпревари губиме со еден гол разлика, така што тоа е нешто на кое мораме да работиме. Млада екипа сме, со млад тренер. Можеби на следните натпревари или, се надевам, следната година, малку подобро ќе ги одиграме овие неизвесни мечеви. Но, уште еднаш честитки за Висла, фер и коректен натпревар и победа на подобрата екипа“, кусо изјави тренерот на Вардар по натпреварот, Иван Чупиќ.

Најефикасен во редовите на Вардар беше Јака Малус со девет голови, додека Вукашин Воркапиќ постигна осум погодоци. На спротивната страна Фредерик Бјере го заврши мечот со седум голови.

Вардарци в понеделник ги очекува дуел со Бутел Скопје, прв откако легендата Стојанче Стоилов го презеде помалиот скопски клуб.

Ракометните гиганти ПСЖ и Веспрем, пак стигнаа до нови победи во Лигата на шампионите, откако францускиот го совлада Целје со 41:30, додека унгарскиот тим беше убедлив против Партизан со 38:28.

На останатите средби, Алборг славеше против Загреб со минимални 34-33, Магдебург го надигра Киелце со 30-27, а Криенс беше убедлив на гостувањето кај Колштад со 36-28.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ