Се поголемиот раст на цените во Европа ги загрижува граѓаните за нивниот понатамошен животен стандард и сè повеќе очекуваат тој да се влоши. Според резултатите од анкетата на Евробарометар, околу 29 проценти од граѓаните на Европската Унија веруваат дека нивниот личен стандард ќе се намали во следните пет години, додека само 18 проценти веруваат дека ќе се подобри.
Анкетата, во која учествувале повеќе од 26.000 испитаници од земјите-членки на ЕУ, покажува и јасни разлики меѓу генерациите. Оние над 55 години се значително попесимистички – 34 проценти од нив очекуваат пад на животниот стандард, додека само 17 проценти од помладите испитаници го делат овој став.
Разлики се изразени и меѓу земјите-членки. Повисоко ниво на песимизам е забележано во Западна Европа, а особено се издвојува Франција, каде што 44 проценти од граѓаните очекуваат нивната економска состојба да се влоши.
Слични трендови се присутни и во Португалија, Германија и Австрија, додека ставовите се значително пооптимистички во нордиските земји и во Централна и Источна Европа. Во Полска, само 9 проценти од испитаниците очекуваат полоша иднина, додека Унгарија има најниско ниво на загриженост во ЕУ, само 8 проценти.
Претставниците на Европскиот парламент велат дека негативниот став во некои земји може да биде поврзан и со полош однос со Европската Унија.
Додека 50 проценти од граѓаните на ЕУ сè уште имаат позитивен став за Унијата, додека 17 проценти имаат негативен, разликите меѓу земјите се значајни. Во Франција, Австрија, Грција и Чешка, скептицизмот е поизразен отколку во остатокот од блокот.
Граѓаните на Франција и Австрија се меѓу оние кои најмалку веруваат во придобивките од членството во ЕУ – само 62 проценти од нив веруваат дека целокупниот ефект од членството е позитивен, што е еден од најниските резултати во Европа, веднаш зад Бугарија со 57 проценти.
Претставник од Европскиот парламент истакнува дека економската неизвесност и зголемувањето на цените можат да влијаат на начинот на кој граѓаните ја перцепираат Европската Унија, вклучително и зајакнувањето на поддршката за евроскептичните политички опции.
Општо земено, понегативното расположение е придружено со растечки загрижености за инфлацијата, трошоците за живот и зголемувањето на цените, што се теми што граѓаните на ЕУ ги сметаат за приоритет за дејствување на Европскиот парламент.
Инфлацијата и трошоците за живот во моментов се најголемата загриженост за 47 проценти од граѓаните на ЕУ, што е зголемување од шест процентни поени во споредба со претходното истражување, кога оваа тема веќе беше на прво место, пред економијата, вработувањето и одбраната и безбедноста на Унијата.
Исто така, 27 проценти од испитаниците велат дека квалитетот на нивниот живот се влошил во изминатата година, 11 проценти веруваат дека се подобрил, додека мнозинството од 62 проценти велат дека останал непроменет.












