Дуковски, во изјава за медиуми пред Основниот кривичен суд Скопје, повика да се остават институциите да донесат одлука врз основа на законот, а не врз начелото „око за око“, „заб за заб“.
Треба да се индивидуализира и да се цени секој потег во врска со изрекувањето на казната, особено мора да се цени во духот на законот, фактот што Васил Јованов придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, беше кооперативен и соработуваше со судот и изрази најдлабоко можно каење, изјави бранителот на Васил, адвокатот Сашко Дуковски, по завршување на денешното рочиште за сообраќајката од јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која животот го загуби Фросина Кулакова.
Дуковски, во изјава за медиуми пред Основниот кривичен суд Скопје, повика да се остават институциите да донесат одлука врз основа на законот, а не врз начелото „око за око“, „заб за заб“.
– Сакам да имате предвид еден многу битен факт, се работи за човек којшто има 20 години. Категорично ја призна својата вина. Ова не е ни првата, ни последна сообраќајка во Република Македонија и тоа покажува дека таква млада личност, е личност со интегритет и дека и неговото семејство е со интегритет и имаше доблест и да признае и да се сноси со сите последици што ќе дојдат после неговото признание, изјави Дуковски.
Посочи дека Васил од почетокот бил цел на оркестрирани напади и јавен линч.
– Се надевам дека конечно видовте дека сето она што беше објавувано дека Васил е убиец, наркоман, ѓавол, дека возел со 170, дека избегал, па не дошол три часа на лице место, дека сето тоа е нотарна лага. Ќе се согласите со мене, не знам дека видовте дека цело време во исказите на оштетените читаа од нивните мобилни телефони, што значи дека некој им ги подготвува тие говори, а така настапуваат од првиот ден, изјави Дуковски.
Пресудата за случајот со прегазувањето на Фросина Кулакова ќе биде објавена на 13-ти месецов, откако на судењето што почна денеска во Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот Јованов призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката што се случи во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.