Наградата „Данчo Чеврески“ е доделена на филмот „На пат“ (On the Way) на Самир Карахода, во рамките на седмото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“, кое започна на 29 септември и ќе трае до 6 октомври.
– Веруваме дека прашањата за миграцијата се меѓу најгорливите теми на нашето време, а Самир им пристапува со извонредна суптилност и нежност. Инспириран од разговор со неговиот син, филмот ја оцртува безизлезноста на професијата на таткото како филмски режисер, спротивставена на соништата на синот што сака да стане фудбалер – соништа за кои знае дека не можат да се остварат во Косово. Преку оваа лична, но и универзална приказна, Самир Карахода ја осветлува дилемата на една генерација заробена меѓу љубовта кон татковината и итноста на нејзино напуштање во потрага по подобар живот – се вели во образложението на жири-комисјата во состав: Кристина Леловац, актерка; Трифун Ситниковски, режисер; Дина Дума, режисерка, кое одлучуваше за наградите во официјалната и во студентската селекција на фестивалот.
Жирито му додели специјално признание од официјалната селекција на „Остров“ на Бранко Костески, затоа што „тој вешто си игра со карактеристиките на добро познатите романтични комедии, излегувајќи надвор од вообичаените норми за еден македонски филм“.
– Во исто време, обработува силна и актуелна порака за современиот свет на романтичните врски, општествениот притисок за создавање семејство и потребата од зачувување на индивидуализмот – секојдневни проблеми што постојано се во меѓусебен судир. Оваа полуавтобиографска комична приказна не остава никого рамнодушен и претставува силен потсетник дека и на Балканот режисерите успешно може да се движат во рамките на холивудските жанрови – додава жирито.
Наградата за најдобар студентски филм, пак, ја доби „Ментор“ – за авторската храброст на режисерката Тинкара Клиптетер.
– Во својот филм работен во рамките на студиите на АГРФТ во Љубљана, таа смело избира да ги деконструира токму сложената динамика и културата на нормализирано насилство на театарските академии. Тинкара со „Ментор“, покрај широката публиката, нè соочува со суровоста на „непропрашаните“ (машки) авторитети меѓу нас, кои постојано ја злоупотребуваат својата позиција на моќ во деликатните релации со студентите, а особено студентките и уште се осмелуваат да го наречат свој оригинален педагошки метод – се вели во образложението.

Публиката за најдобар филм го избра „Неми филмови“ во режија на Крсте Господиновски.
Фото: Александра Костадиновска