Додека пожарникарите, припадниците на службите и граѓаните со денови се борат со огнената стихија кај Селце, во близина на пожарот се фатени тројца дрвокрадци. Но, со гаснењето на огнот не завршуваат проблемите – остануваат опожарените шуми, илјадниците изгорени стебла и ризикот дрвната маса да стане нова можност за нелегална или комерцијална сеча. Од ДОМ бараат јасни правила, јавна евиденција и планови за санација и обнова на опожарените површини

Додека стотици луѓе со денови се борат со пожарот во околината на штипското село Селце, во близина на огнената зона биле фатени тројца дрвокрадци. Случајот предизвика остри реакции, а во јавноста повторно се отвори прашањето што ќе се случува со опожарените шуми откако ќе згасне огнот.
За дрвокрадците реагираше заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, кој преку социјалните мрежи порача дека е срамно во момент кога се борат луѓето со огнената стихија, некој да гледа како да извади лична корист од шумата.
– Додека од едната страна на експресниот пат Штип – Радовиш стотици луѓе од Штип, Струмица, Свети Николе, Кавадарци, Кочани, Берово и од други градови се бориме со пламените јазици да го спасиме селото Селце и сè друго од земја и од воздух, од другата страна на асфалтот некои жители на Штип крадат дрва – напиша Михаилов.
Тој додава дека биле фатени тројцата, но дека останува срамот, особено поради моментот во кој се одвивал случајот.
– Ги фативме, но срамот останува како белег – порача Михаилов.
Во својата реакција Михаилов ги споменува и двете лица што биле приведени поради сомнежи поврзани со предизвикување пожар во близина на Селце. Тој остро ги осудува и дрвокрадците и лицата што се сомничат за подметнување пожар, но од неговата објава не произлегува дека постои докажана поврзаност меѓу овие случаи.
Пожарот во Штипскиот Регион деновиве создава сериозни проблеми, а поради високите температури и ветрот, огнената линија на моменти се ширеше и кон викендичките во околината. На терен се ангажирани пожарникари, припадници на надлежните служби, механизација и граѓани, кои помагаат во борбата со огнот. Според последните информации, пожарот меѓу Селце, Пухче, Степанци и Лакавица и натаму е активен.
Но, додека трае битката со огнот, веќе се поставува прашањето што ќе се случи потоа. Зашто кога ќе се изгаснат пламените јазици, остануваат илјадници изгорени стебла, опожарена земја и големи површини на кои им требаат години за да се обноват. Токму за ова предупредува и Демократската обнова на Македонија – ДОМ, од каде што бараат опожарените шуми да не се претворат во нова можност за заработка.
Од ДОМ велат дека пожарите не смеат да бидат само почеток на друга приказна во која опожарената дрвна маса ќе стане комерцијален ресурс. Според нив, изгорените и оштетени стебла треба да се отстрануваат само тогаш кога е неопходно тоа за санација и обновување на шумата, а не за некој да прави профит од последиците на пожарот.
Партијата бара законски да се ограничи можноста за комерцијална сеча на опожарените површини и да се воведат јасни правила за издавање дозволи за отстранување на дрвната маса. Од ДОМ предлагаат по секој пожар, задолжително да има план за санација и обнова на секоја опожарена државна шумска површина. Во тој план, според нив, треба јасно да стои што ќе се прави, во кој рок и која институција ќе биде одговорна.
Предлагаат и ЈП „Национални шуми“ да биде единствениот непосреден носител на санацијата и на обновата на државните шуми со кои стопанисува. Посебно барање е да има целосна јавна евиденција за дрвната маса.
Сè уште е алармантна состојбата со пожарите во државата. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вели дека завчера пожарникарите имале полни раце работа, гаснејќи повеќе од 40 пожари на отворен простор.
Пожарот што изби пред неколку дена на територијата на градот Штип, во атарот на селата Селце и Пухче, вчера попладне излегол од контрола и нагло се проширил поради силниот ветер, но поради ангажманот на дополнителни сили и на пожарникарите, е ставен под контрола. Под целосна контрола е ставен и пожарот на Пелистер.
Во текот на ноќта, од косовска страна кон Македонија се проширил голем пожар, кој, како што кажа Ангелов, се движи во правец на селото Грачани.
– На терен се скопските пожарникари, со поддршка од тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување, кои се обидуваат да воспостават делумна контрола и да спречат загрозување на околните села – рече Ангелов и додаде дека во овој момент не очекува директно загрозување на населените места, но мирисот од пожарот може да се почувствува и во делови од Скопје.
Повторно се појавиле нови огнени точки и на планината Китка, од скопска страна, но на територијата на Општина Студеничани. Има пожари во реонот на селата Количани и Цветово. На нив интервенираат скопските пожарникари и се очекува дел од пожарите наскоро да бидат ставени под контрола. Како еден од најтешките активни пожари во моментов, Ангелов го издвојува пожарот на границата меѓу општините Струга и Дебар, во реонот на селата Луково и Буринец. Ангелов изрази надеж дека пожарникарите од Струга ќе успеат да воспостават контрола најмалку од страната на селата и да спречат нивно загрозување.
Тој нагласи дека другите пожари во државата се релативно помали и во моментов не претставуваат опасност за околните населени места.
(С. Бл.)












