Владата донесе одлука да се забрза формирањето на оператор за пазарот на природен гас, а работата ќе ја преземе МЕМО ДООЕЛ Скопје, кој треба да ја започне целата постапка и да подготви план за тоа како практично ќе функционира новиот пазарен оператор. 

Целта е гасниот пазар конечно да заживее по пазарни правила, со повеќе конкуренција и поголема транспарентност. Државата сака да се среди пазарот на гас навреме, пред да почнат да се отвораат новите гасни патишта кон соседните земји.

МЕМО треба да направи план во кој ќе бидат опфатени сите детали – од организацијата и техниката, па до ИТ-системите, законите и финансиите. За напредокот ќе треба редовно да ги известува Владата, Министерството за енергетика, Министерството за финансии и Регулаторната комисија за енергетика.

Според Министерството за енергетика, наместо да се формира сосема нова институција од нула, многу поедноставно и поевтино е оваа работа да му се довери на МЕМО.

Причината е едноставна – МЕМО веќе има ИТ-платформа, систем за пазарно порамнување и искуство со управување со енергетски пазари.

Од Министерството велат дека формирањето нов субјект би одземало повеќе време, би чинело повеќе пари и би донело дополнителна администрација.

Затоа, проценката е дека МЕМО е најбрзото и најрационалното решение.

Идејата, на подолг рок, е да се создаде еден интегриран пазарен оператор кој ќе ги опфаќа и електричната енергија и природниот гас.

Гасот доаѓа, па мора да има и пазар
Овој потег не доаѓа случајно. Македонија работи на големи инфраструктурни проекти со кои треба да се поврзе со соседните гасни пазари.

Интерконекторот со Грција се очекува да биде пуштен во употреба во средината на 2027 година, додека гасната врска со Србија е планирана за крајот на 2028 година.

Тоа значи дека во иднина Македонија би можела да добива гас од повеќе извори, вклучително и преку LNG терминали. А тука е суштината – ако има нови гасоводи и нови извори на гас, мора да има и уреден пазар на кој тој гас ќе може да се купува, продава и балансира.

Целта е со текот на времето да има поголема конкуренција меѓу трговците, повеќе транспарентност и цени кои повеќе ќе зависат од пазарот.

Со воспоставувањето на операторот треба да се воведат и правила за балансирање на пазарот – односно да се води сметка понудата и потрошувачката да бидат усогласени. На долг рок, од Министерството очекуваат ова да придонесе за поефикасен и посигурен гасен пазар, а корисниците да имаат повеќе можности за избор. Сето ова е дел и од обврските што Македонија ги има кон европската регулатива и Енергетската заедница.

Од Владата и Министерството за енергетика порачуваат дека со користењето на веќе постојните капацитети на МЕМО ќе се избегнат непотребни трошоци и ќе се заштедат јавни пари. Со други зборови – наместо да се прави нова институција од почеток, државата ќе го искористи она што веќе го има, а идејата е пазарот на гас да биде подготвен пред новите интерконектори да го донесат очекуваниот нов бран на снабдување.

ИЗДВОЕНИ