понеделник, јули 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Димитриевски: Големите се плашат од голем ЗНАМ, затоа што политиката на нови...

Димитриевски: Големите се плашат од голем ЗНАМ, затоа што политиката на нови луѓе станува реалност

110

ЗНАМ влезе во власта со јасна цел, да биде реформатор, но и коректор кога е потребно. Нашата одговорност е да работиме за државните и националните интереси, а секогаш кога ќе сметаме дека некои процеси не се движат во вистинска насока, гласно ќе ги браниме принципите на кои стоиме – порача денеска претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски. Тој се обрати на панел-дискусијата во рамки на караванот под мотото „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, која се одржа во Тетово.

Тој нагласи дека ЗНАМ на политичката сцена влезе со јасна определба да биде носител на промени и да придонесе кон создавање држава со ред, систем и еднакви можности за сите граѓани.

-Не влеговме во политиката за да бидеме продолжена рака на некого, туку за да изградиме политички субјект кој ќе се бори за држава со ред, систем и одговорност. Европска Македонија е Македонија во која граѓаните имаат доверба во институциите, младите гледаат иднина дома, а одлуките се носат според принципи, а не според интереси. ЗНАМ не е проект на еден човек, туку движење на луѓе кои веруваат дека Македонија може и мора да биде подобра држава – истакна Димитриевски.

Тој порача дека учеството на ЗНАМ во власта е водено од одговорноста да се спроведуваат реформи, но и да се укажува секогаш кога е потребно, со цел заштита на државните интереси и принципите на кои почива движењето.

Во рамките на панел-дискусијата, генералниот секретар на Движењето ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, ги претстави реформските процеси во јавната администрација и досегашните активности за изградба на професионални и функционални институции, додека потпретседателот на Движењето ЗНАМ и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, се осврна на мерките за поддршка на земјоделците, развојот на домашното производство и рамномерниот регионален развој како основа за посилна и поконкурентна македонска економија.

Претходниот ден Движењето ЗНАМ одржа трибина во Охрид на која лидерот Димитриевски упати порака дека граѓаните бараат систем на вредности, владеење на правото, еднаквост пред законите, како и ред и дисциплина во државата. Според него, развојот на државата може да се обезбеди преку посветена работа, користење на домашните ресурси и поддршка од меѓународните партнери.

-Само со работа, со сопствените ресурси и со помошта што доаѓа однадвор можеме да обезбедиме еднакви можности за сите граѓани – рече Димитриевски

ИЗДВОЕНИ