На 26 јули, во Македонија ќе се одржи спортско-авантуристички предизвик – „24 ч адреналин“, во кој двајца учесници, во рок од 24 часа, ќе се обидат да поврзат девет различни активности во воздух, на земја и во вода.
Предизвикот, како што најавува организаторот, ќе почне со изгрејсонце на аеродромот „Стенковец“, а ќе заврши доцна навечер, на брегот на Охридското Езеро. Во текот на еден ден, учесниците ќе поминат стотици километри низ Македонија, менувајќи различни начини на движење и совладувајќи активности што бараат физичка подготвеност, концентрација и издржливост.
Во рамките на предизвикот ќе бидат реализирани: лет со спортски авион, падобрански скок, параглајдерски лет, мототура низ Галичица, искачување на Виа Ферата; MTB даунхил спуст, нуркање, кајак и стендап падл – SUP.
– Главната цел на предизвикот не е поставување рекорд, туку промоција на авантуристичкиот туризам, спортовите на отворено и на природните можности што ги нуди Македонија – посочува организаторот.
Проектот е инициран од Јане Стефанов и од Љубомир Нетков, долгогодишни инструктори и ентузијасти во повеќе адреналински дисциплини. Во неговата реализација ќе учествуваат и бројни локални експерти, пилоти, инструктори, нуркачи, велосипедисти, медицински лица и логистички тимови, кои ќе ги придружуваат учесниците во различните делови од предизвикот.
Настанот ќе биде документиран преку фотографии, видеоматеријали и содржини на социјалните мрежи, преку кои јавноста ќе може да го следи текот на предизвикот.
Целта е „24 ч адреналин“ да прерасне во традиционален проект што ќе ја позиционира Македонија како дестинација за авантуристички туризам и за спортови на отворено, истовремено поврзувајќи ги локалните спортски заедници, експертите и ентузијастите околу една заедничка идеја.












