Во рамките на Програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на современиот македонски јазик, на 5 мај, во Македонскиот културно-информативен центар во Белград, ќе се реализира проектот „Македонската книжевност на европското ѕвездено небо“.

Никола Маџиров и Петар Андоновски, македонски писатели што се и лауреати на врвни европски книжевни награди, ќе разговараат со своите колеги писатели и преведувачи од Србија – со познатата српска поетеса Ана Ристовиќ, исто така лауреат на врвни европски книжевни награди, како и со Милена Илиќ, во моментов најактивен преведувач на дела од македонски на српски јазик.

Македонско-српските дијалози за книжевноста ќе бидат збогатени со читање стихови од стихозбирката „Длан и нетакнуто“ од Никола Маџиров, преведена на српски јазик од Билјана Андоновска и од романот „Страх од варвара“ од Петар Андоновски, во превод на Милена Илиќ.

Авторите ќе читаат на македонски јазик, а на српски јазик нивната книжевност ќе ја интерпретира актерот Александар Стоименовски.

 

ИЗДВОЕНИ