Македонскиот атлетичар, Дарио Ивановски, е на одличен пат да ја претставува Македонија на Светското првенство во Пекинг во 2027 година. Благодарение на резултатите остварени во квалификацискиот период, меѓу кои и настапот на неодамнешниот Скопски маратон, Ивановски моментално се наоѓа на 65. место на ранг-листата за пласман на светскиот собир.
Според информациите што ги објави неговиот тренер Игор Јакимовски, македонскиот маратонец има освоено вкупно 1.132 поени од настапите на маратонот во Белград и на Скопскиот маратон. Овој резултат го позиционира во рамките на квотата од 100 натпреварувачи кои ќе настапат во маратонската дисциплина на Светското првенство.
Јакимовски нагласува дека Скопскиот маратон ги исполнува потребните критериуми за квалитет и дека резултатите остварени на ваквите натпреварувања имаат значајна улога во рангирањето на атлетичарите за големите меѓународни натпревари.
- Дарио уште сега е пласиран на СП Пекинг 2027 година, дури и воопшто да не се натпреварува до стартот на следниот глобален настан на најдобрите светски атлетичари, објави тренерот, кој очекува Ивановски да ја задржи својата позиција на ранг-листата.
Тој додава дека доколку до јули 2027 година Ивановски не оствари подобар резултат или пласман од оној на Скопскиот маратон во 2026 година, неговата позиција би можела да се спушти најмногу до 85. место, што и натаму би му обезбедило место меѓу 100 учесници.
- Ова е успех и за Скопскиот маратон, чие име стои по името на Дарио Ивановски во квалификациите за Пекинг, истакнува Јакимовски.
Светското атлетско првенство во Пекинг ќе се одржи од 10 до 19 септември 2027 година, на олимпискиот стадион „Птичје гнездо“. Доколку ја задржи позицијата во квалификациската трка, Ивановски ќе добие можност да се натпреварува со најдобрите светски маратонци и уште еднаш да го претставува македонскиот спорт на најголемата светска сцена.











