Најголемите театарски ѕвезди од регионот гостуваат на фестивалот РУТА во Драмски
Драмскиот театар Скопје од 26 до 31 октомври ќе биде домаќин на петтото издание на меѓународниот театарскиот фестивал „Рута“.
На сцената „Ристо Стефановски“ во тек на фестивалската недела, македонската публика ќе има можност да проследи шест репрезентативни претстави на театрите од регионот. Во фестивалската програма ќе играат претстави и копродукции од сите членки на Регионалната унија на театри: Београдско драмско позориште од Србија, Камерни театар 55 од Сараево, Босна и Херцеговина, од Хрватска гостуваат Казалиште Улисис во копродукција со театарот САРТР од Сараево, како и Местно гледалишче Љубљана, Центар за култура од Тиват и Драмски од Скопје со свои продукции.
„Рута“ стартува на 26 октомври, во 20:00 часот, со претставата „Црно злато“ на Београдско драмско позориште, во режија на Оливер Фрљиќ, по текст на Дејан Дуковски. „Во „Црно злато“ на Дејан Дуковски драмскиот фокус е ставен на семејството зафатено од повеќекратни транзиции – општествени, политички, етички, но и родови. Ветениот премин од еден во друг политички систем никогаш не е завршен. Традиционалните вредности се најдоа во вакуумот меѓу она што било и она што требало да дојде. Наместо тоа ветено утре, во драмата се појавува непознатата Ангела – успешна деловна жена, со потекло ‘од нашиот крај’, која сега живее во Шпанија. Додека таа влегува во заплетканата мрежа на семејните односи оптоварени со заминувањето на синот Ангел, постепено се открива дека таа всушност е тој ‘изгубен син’.“, вели режисерот Фрљиќ за претставата во која играат Милутин Милошевиќ, Наташа Марковиќ, Ања Ќурчиќ, Јана Милосављевиќ, Милан Зариќ, Амар Ќоровиќ, Бојана Стојковиќ, Љубомир Булајиќ, Ана Јанковиќ.
Наредниот ден, 27 октомври настапува Театар Улисис од Загреб кој во соработка со Сараевски ратни театар – SARTR и Релстејџ (Realstage), ја носи „На чија страна“ на славниот британски драмски писател и сценарист Роналд Харвуд, во режија на Ленка Удовички. „На чија страна“ е драма за одговорноста на уметникот, за моралните компромиси и за границата меѓу уметноста и политиката. Но, пред сè, таа е вознемирувачко преиспитување на човечката потреба да се оправда сопствениот избор во време кога секој избор има последици. Во претставата играат: Озрен Грабариќ, Матеа Маврак, Џана Џаниќ, Албан Укај, Давор Сабо, Светозар Цветковиќ и виолончелистка Белма Алиќ.
На 28 октомври (среда), пак, игра претставата „Змејот“ на Местно гледалишче љубљанско, во режија на Нела Витошевиќ, по текст на советскиот писател и драматичар Евгениј Шварц (1896–1958), кој бил жесток противник на автократскиот режим на Советскиот Сојуз. Политичката сатира „Змејот“, сместена во рамките на бајка, ја напишал во 1944 година, но нејзиното изведување било забрането веднаш по премиерата. Користејќи иронија и сарказам, метафори и духовити остроумности, во низа апсурдно комични ситуации, Шварц ги критикува методите на владеење во тоталитаризмот – покажување моќ, целосна контрола и потиснување на секој неистомисленик. Шварц е немилосрден кон апатијата на луѓето кои се потчинуваат на сево ова. Во претставата играат Себастијан Каваца, Филип Самобор, Мојца Функл, Ајда Смрекар, Урош Смолеј, Матевж Слуга, Тјаша Железник, Тања Димитриевска, Шпела Ловрец (к.г.), Јулита Кропец (к.г.), Џозеф Нзобандора-Џоус, Нејц Језерник (к.г.).
Во четврток, на 29 октомври Камерен театар 55, од Сараево ќе се претстави со „Умри машки“ на Алдо Николај, во режија на Адмир Гламочак. Комедијата „Умри машки“ –всушност, е приказна за љубовниот триаголник меѓу Ева, Марио и Бруно, раскажана низ мноштво духовити ситуации кои публиката, а понекогаш и самите актери, ги оставаат без здив од смеење. Претставата настанала во далечната 1990 година како дипломска претстава на Татјана Шојиќ и оттогаш не престанува да ја полни салата на Камерни театар 55. Играат Татјана Шојиќ, Ермин Браво и Адмир Гламочак.
На 30 октомври ќе се претстави Центар за култура Тиват со „Contra mundum“. Концептот и режијата на претставата се на Вељко Миќуновиќ, а драматург е Слободан Обрадовиќ. Главната улога ја толкува Озрен Грабариќ, а музичари се Аљоша Закиќ – труба, Ѓорѓе Кујунџиќ – саксофон, Коста Вукашиновиќ – тромбон, Ања Риѓешиќ – пијано, Марко Ќурчиќ – контрабас, Немања Тасиќ – тапани. „Contra mundum“ е театарски портрет на Салвадор Дали меѓу генијалноста, провокацијата и слободата. Претставата е едно од наградуваните регионални театарски остварувања што ја истражуваат границата меѓу уметноста, животот и индивидуалната слобода. Инспирирана од автобиографијата „Тајниот живот на Салвадор Дали“, претставата го отвора светот на еден од најексцентричните и најпровокативните уметници на 20 век.
Драмскиот театар Скопје, на 31 октомври ќе го затвори годинашното издание на „Рута“ со изведба на претставата „Љубовта на Федра“, на Сара Кејн, во режија на Дино Мустафиќ. Актерска екипа ја сочинуваат: Јелена Жугиќ, Александар Степанулески, Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Дениз Абдула, Гордана Ендровска, Лазар Христов и Ања Митиќ. Во „Љубовта на Федра“ античкиот мит влегува во сурова современост во која желбата прераснува во опсесија, блискоста станува речиси невозможна, а љубовта се судира со рамнодушноста, насилството и црниот хумор.

Инаку, годинашниот фестивал освен главната програма ја воведува и програмата МоноРУТА во рамки на која публиката ќе има можност да проследи четири монодрами и тоа: на 26 октомври – „Милунка“ на Београдско драмско позориште, во режија на Петар Станојловиќ, каде актерка и автор е Весна Станковиќ; потоа на 27 октомври – „Земја на волците“ на Театар Улисис, Загреб, во режија на Гала Николиќ, авторки на текстот се Тонка Мршиќ и Гала Николиќ, а актерка Тонка Мршиќ; на 30 октомври – „Вирџина“ на Центар за култура Тиват, по текст на Душан Јанковиќ, каде актерка е Марта Ќераниќ и на 31 октомври – „Џеки“, на Драмски театар Скопје во изведба на Трајанка Илиева Вељиќ, на Елфриде Јелинек, во режија на Жива Бизовичар. Претставите од програмата МоноРУТА ќе се играат на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности со почеток во 17 часот.
Фестивалска новина годинава е и одржувањето на три театарски работилници. На работилниците „Менаџмент во културата во националните, државни и градски театри“ предавачи ќе бидат Душко Љуштина, директор на театарот Улисис и Срѓан Обрадовиќ, извршен директор на Белградскиот драмски театар, додека работилницата „Актерска игра и сценски говор“ ќе ја води познатиот актер Озрен Грабариќ кој воедно е и професор на Академијата на драмски уметности во Загреб. Театарските работилници ќе се одржуваат во Драмски на 27, 28 и 29 октомври во 12 часот и отворени се за сите заинтересирани посетители.
Исто така, по одржувањето на преставите, кои почнуваат од 20 часот, секоја вечер за времетраење на фестивалот публиката ќе може да ги следи и разговорите на тркалезните маси со актерите на претставите. Тркалезните маси и оваа година ќе ги модерира д-р Ана Стојаноска, професорка на Факултетот за драмски уметности Скопје. (Н.И.Т.)












