Во вторникот, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ инсистираше на решавање на сите отворени прашања со Црна Гора, со цел земјата да го добие „зеленото светло“ од Загреб за пристапување кон Европската унија, откако Подгорица излезе во пресрет на две барања на Загреб.
Црногорската влада претходно во вторникот објави дека одлучила да го промени името на пливачкиот базен што го носеше името на ватерполистот Зоран Џими Гопчевиќ – кој истовремено бил и чувар во логорот „Морињ“ и е обвинет за мачење и злоставување на приведени хрватски цивили и воени заробеници. Базенот отсега ќе го носи името на Петар Петровиќ Његош, таткото на современата црногорска нација.
Исто така, одлучено е накнадно да се одобри спомен-плочата поставена на 10 октомври 2022 година на камениот ѕид на влезот во Морињ.
„Ова се две прашања, а има и други“, изјави Пленковиќ за новинарите, коментирајќи ги одлуките на Подгорица.
„Очекуваме разговор со Црна Гора и подигнување на свеста дека овие прашања, кои се однесуваат на вредностите и добрососедските односи, мора да бидат решени“, додаде тој.
Покрај плочата во Морињ и базенот во Котор, станува збор и за утврдување на судбината на исчезнатите лица, обештетување на затворениците од Морињ, процесуирање на одговорните за воени злосторства, решавање на имотно-правните прашања на хрватските семејства, прашањето за границата, како и враќањето на училишниот брод „Јадран“.
Хрватска неодамна побара од Црна Гора да реши осум отворени прашања – кои главно произлегуваат од војните во 1990-тите години – пред земјата да пристапи кон Европската унија, а оваа листа на барања ја достави и до земјите-членки на ЕУ. Црногорските власти имаат амбициозен план, според кој Подгорица би ги затворила сите преговарачки поглавја до крајот на оваа година и би станала членка на ЕУ до 2028 година, пренесува агенцијата „Хина“.












