Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, неделава ќе има завршен состанок со министерот за здравство, Азир Алиу, на кој заеднички ќе објават кога ќе биде спроведена тендерската постапка за монтажните гаражи во клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Ѓорѓиевски вели дека по завршувањето на тендерската постапка, веднаш ќе се почне со изградба на гаражите. Појасни дека динамиката на реализација зависи од капацитетите и од претходно завршените обврски на Градот.
– Предвидовме средства, направивме ребаланс, но имавме уште неколку постапки што требаше да ги заокружиме – исплатите за Момин Поток каде што е целосно решена трасата, за булеварот „Борис Трајковски“ влеговме во процес за, конечно, да заврши голготата на над 100.000 граѓани кон Драчево и почнува поставувањето на атмосферската канализација. Тука е и мостот на улицата „Љубљанска“, потоа мостот „Генерал Михајло Апостолски“, лунапаркот. Сега се на ред и монтажните гаражи во кругот на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – рече Ѓорѓиевски.
Министерството за здравство и Град Скопје го потпишаа договорот за изградба на паркинзи во рамките на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ на 7 март годинава. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет.
Во првата фаза е предвидена изградба на две современи монтажни гаражи, со најмалку 500 паркинг-места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред сѐ, наменети за пациентите и за вработените во клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клинички.












