Петтемина мажи уапсени под сомнение дека се обиделе да извршат напад врз воздухопловната база Ферфорд во Англија – објект што го користат и САД – се британски државјани.
Британските полициски единици за борба против тероризмот денеска соопштија дека сите уапсени се од Лондон и се на возраст од дваесеттите години. Сè уште не е јасно дали тие дејствувале како застапници на Иран или Русија, ниту кои биле нивните мотиви.
Петте лица беа уапсени во неделата под сомнение за кривични дела поврзани со тероризам и експлозиви, откако на 400 метри од базата Ферфорд во Глостершир беа откриени три сомнителни комбиња, што поттикна полициска истрага за борба против тероризмот.
Имињата на осомничените не се објавени.
Тие првично беа задржани под сомнение за дела поврзани со експлозиви, а потоа и под сомнение за подготовка на терористички чин. Полицијата може да ги задржи до 14 дена пред да мора или да поднесе обвиненија или да ги ослободи.
Британскиот весник „Телеграф“ (The Telegraph) известува дека британската полиција се сомнева оти Иран најверојатно стои зад неуспешниот обид за поставување бомба во близина на воената база Ферфорд.
Неименувани извори на кои се повикува весникот наведуваат дека, доколку Техеран бил поврзан со спречениот заговор, малку е веројатно дека би се потпреле на застапници од криминалното подземје – како што било случај во минатото – што укажува на можност за подиректна вмешаност. Според „Телеграф“, апсењата не биле дел од планирана операција и не биле извршени врз основа на разузнавачки податоци.
Воздухопловната база Ферфорд е клучно упориште на американските воздухопловни сили во Европа и е користена од американската авијација за напади врз Иран.
Во јули, иранската Исламска револуционерна гарда се закани со напад врз Ферфорд, предупредувајќи дека секоја база што се користи за лансирање напади врз земјата претставува легитимна цел, пренесува „Телеграф“.
Ферфорд моментално е во состојба на максимална готовност, додека нивото на закана во Лејкенхит – каде што исто така се стационирани американски трупи – е подигнато на второто највисоко ниво, пренесе „Бета“.












