Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД отвора ново поглавје во билатералните односи, со фокус на конкретни инвестиции и развојни проекти. Во центарот на вниманието е најавениот извоз на антимон, редок минерал, кој може да донесе значителна економска корист за земјава. Разговорите во Вашингтон опфаќаат и клучни области како дигиталната трансформација, инфраструктурата и одбраната. Македонската делегација настојува да обезбеди подлабока соработка и присуство на американски инвеститори во стратешки сектори. Очекувањата се дека договорите ќе резултираат со конкретни проекти и долгорочен економски пораст
Македонија влегува во нова фаза на економска и стратешка соработка со САД, во момент кога ретките минерали стануваат клучен ресурс на глобално ниво. Ретката руда антимон која е пронајдена во близина на кривопаланечкото село Луке ќе се извезува во Америка, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој додаде дека македонскиот антимон ќе се дистрибуира до топилница во Оклахома. Експлоатацијата на антимон во кривопаланечкото село Луке и најавениот извоз кон американскиот пазар се наметнуваат како еден од најзначајните проекти, за кој денеска во Вашингтон се разговара во рамките на Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД, каде што македонската владина делегација настојува да обезбеди дополнителни инвестиции и да ја зацврсти билатералната соработка во области од стратешко значење.

– Ние сме првата земја која има стратешки дијалог со оваа администрација на САД. Исклучително високо ниво. Темите што ќе бидат опфатени се дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, инфраструктурата, одбранбената индустрија во кои ние силно инвестираме, а истовремено да се инвестира и во еден многу значаен проект, а тоа е рудата антимон, која ќе се експлоатира близу до кривопаланечкото село Луке, редок минерал кој може да значи многу за нашата економија. Истражувањата се при крај. Ќе се извезува во САД, од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома. Тоа е нешто што е многу важно за нашата држава и за нас, како граѓани, информираше премиерот Мицкоски.
Чебрен и Галиште на маса
Премиерот најави дека пред потенцијални американски инвеститори ќе биде претставен и проектот за Чебрен и Галиште, што е негова лична цел и желба.
– Министерката е таму присутна со сите информации за тој проект и ќе биде претставен, рече Мицкоски.
Божиновска, пак, преку социјалните мрежи вчера порача дека енергијата е во срцето на стратешките партнерства.
– Денес во Белата куќа остварив важна средба со Џарод Аген – заменик-советник на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Националниот совет за енергетска доминација на САД. Разговаравме отворено, суштински и фокусирано – за тоа каде сме денес и каде можеме да одиме заедно. Нашиот фокус беше јасен: енергетска безбедност, диверзификација на изворите, конкретни инфраструктурни проекти. Ова е човек кој има директен увид во стратешките енергетски политики на САД – и токму затоа оваа средба носи реална тежина и конкретен потенцијал. Убедена сум дека отвораме простор за подлабока соработка и заеднички проекти што ќе донесат долгорочна стабилност и развој – не само за нашата земја туку и за регионот, објави министерката за енергетика на својот фејсбук-профил.
Заменикот на Рубио, Лендау – домаќин на македонската делегација
Високата владина делегација во Вашингтон ја предводи министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, а учествуваат и министрите за внатрешни работи, Панче Тошковски, за одбрана – Владо Мисајловски, за дигитална трансформација – Стефан Андоновски, како и министерката за енергетика, Сања Божиновска. Домаќин е заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Лендау, кој е втор човек во Стејт Департментот, по Марко Рубио.
Втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД се одржува денеска во Вашингтон, по четиригодишна пауза, во чии рамки беше предвидено и потпишување на меморандум за разбирање.
– Стратешкиот дијалог претставува значајна платформа за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на партнерството со САД, со фокус на клучни области од заемен интерес, вклучително одбраната и безбедноста, сајбер-безбедноста и технолошката соработка, економијата, трговијата и енергетиката, соопштија од МНРиНТ.
Од Министерството нагласија дека оваа сесија е потврда за континуитетот на сојузништвото и заедничката посветеност кон стабилноста и просперитетот на регионот.
Министерот Муцунски во неколку наврати порача дека граѓаните ќе почувствуваат конкретни ефекти од стратешкиот дијалог, во повеќе области.
Првиот Стратешки дијалог меѓу Македонија и САД беше одржан во јуни 2022 година во Вашингтон, поставувајќи ги темелите на поинтензивна и структурирана билатерална соработка. Македонската делегација тогаш ја предводеше министерот за надворешни работи Бујар Османи, во придружба на повеќе ресорни министри, додека од американска страна домаќин беше помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Карен Донфрид.
Дијалогот и тогаш опфати широк спектар на теми. Особен акцент беше ставен на зајакнување на партнерството во рамки на НАТО, како и на поддршката од САД за евроинтегративниот процес на земјава.
Овој формат на стратешки разговори претставуваше значаен чекор напред во односите меѓу двете земји, бидејќи овозможува редовна координација и отвора простор за конкретни иницијативи и инвестиции. Воедно, дијалогот претставува и механизам за продлабочување на политичката доверба и за позиционирање на Македонија како стабилен партнер на САД во регионот. (В. С. Н.)












