Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, денеска одржа прес-конференција во Брисел, при што упати остри критики кон претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Тој предупреди дека цените на авионските билети драстично ќе се зголемат во текот на следната година поради растот на трошоците за гориво, а истовремено ги обвини европските институции за наметнување прекумерни даноци и за неуспехот да спроведат реформи – потези кои, според него, му штетат на воздухопловниот сектор.
О’Лири смета дека Европа успешно се натпреварува со САД во однос на цените на авионските билети, но тврди дека европските институции ги зголемуваат трошоците преку своите даноци и регулативи, пренесува AOL.
„Имаме група будали во Европскиот парламент кои смислуваат нови регулативи чија цел е да ги зголемат трошоците за авионско патување, додека патниците сакаат пониски цени“, рече тој.
Тој исто така посочи дека пред две години бил објавен извештај за европската конкурентност, чиј автор е поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги. Сепак, О’Лири тврди дека ниту една од препораките во него не е спроведена.
„Урсула фон дер Лајен се плаши да направи било што друго освен да зборува. Таа е бескорисна. Европа има план за зајакнување на конкурентноста – тоа е извештајот на Драги. Две години подоцна, ниту една препорака не е спроведена, а Урсула фон дер Лајен само се крие и не прави ништо друго освен што држи говори“, изјави тој.
Тој најави дека оваа зима „Рајанер“ ќе укине еден милион седишта и 20 линии во Белгија, откако белгискиот данок на авионски патувања беше зголемен од два на седум евра по билет.
„Додека Белгијците ги зголемуваат даноците за авионски патувања, Словаците, Швеѓаните, Италијанците и Унгарците ги укинаа таквите даноци. Ние ги преместуваме нашите авиони во земји кои се конкурентни. Белгија не е конкурентна, Франција не е конкурентна, а Германија е безнадежно неконкурентна“, рече тој.
Тој се осврна и на европскиот систем за оданочување на емисиите во воздухопловството, наведувајќи дека летовите во рамките на Европа се неправедно оптоварени, за разлика од повеќето интерконтинентални летови. „Имаме скандал во Европа. Еколошки даноци применуваме само за летовите во рамките на Европската унија. Не ги оданочуваме Американците, Азијците или Кинезите“, изјави О’Лири.
Тој тврди дека интерконтиненталните летови се одговорни за повеќе од 53 отсто од емисиите на јаглерод диоксид во Европа.
О’Лири исто така тврди дека европските институции со години ја занемаруваат реформата на контролата на летање – систем за кој тој вели дека е одговорен за повеќе од 90 отсто од доцнењата на летовите.
Понатаму, тој истакна дека авиокомпаниите на крајот плаќаат отштета за доцнењата, наместо тоа да го прават оние што се всушност одговорни за нив.
Тој исто така предупреди дека цените на авионските билети драстично ќе се зголемат. „Во ’Рајанер‘ (Ryanair), оваа година ја осигуравме цената на горивото на приближно 67 долари за барел. Следната година, цената на нафтата за нас ќе биде двојно повисока“, рече тој.
Според О’Лири, дополнителен притисок врз цените ќе дојде и од зголемените трошоци за дозволи за емисии, кои европските авиокомпании се обврзани да ги плаќаат за летовите опфатени со Системот за тргување со емисии (ETS).












