Во Зоолошката градина во Битола се подобруваат условите за престој на животните и нивната благосостојба, а се зголемува и бројот на животни, со што таа станува попривлечна, атрактивна за посетителите, особено во пролетниот и летниот период.
Таа често е посетувана од групи ученици од Битола, од другите градови во државата, но и од Грција.
Во моментов во неа се реализираат два проекти. Едниот е изградба на терариум, а другиот е изградба на живеалиште за копитарите. За овие два проекти во Зоолошката, Општина Битола аплицирала на вториот владин повик.
Исто така, интензивно се работи и на пролетно средување и облагородување на живеалиштата.
Во текот на денешниот ден, во Зоолошката очекуваа да им пристигнат нови жители: мајмуни од видот патас, лемури, коати од Зоолошката градина во Скопје и во текот на овој месец или во мај да пристигнат како подарок, како резултат на потпишаниот меморандум за соработка со Зоолошката градина од Белград, и бизон, антилопи, коати, свети ибис, сервал, буву буву.
Зоолошката градина оваа година планира и програма за едукација на вработените во Зоолошката градина во Загреб.
Со овие активности, Општина Битола испраќа јасна порака дека вложувањето во Зоолошката градина не е само инвестиција во туризмот туку и во едукацијата, екологијата и во квалитетот на живот во градот.












