Општина Аеродром овозможува бесплатни рекреативни активности за пензионерите и за лицата во третата доба, со цел поттикнување здрави животни навики, повеќе движење и подобро расположение. Преку рекреативна комбинација на аеробик, пензионерите ќе имаат можност да останат физички активни, да ја подобрат подвижноста, да се дружат и да поминуваат квалитетно време во позитивна и пријатна атмосфера.
– Тренинзите ќе бидат со низок и со умерен интензитет, приспособени кон индивидуалните можности и физичката подготвеност на учесниците, со акцент на правилното изведување на вежбите и на безбедноста. Активностите ќе ги води професорот по физичко и здравствено образование Лазар Иванов од „Микс аеробик“, во соработка со Здружението на пензионери „Солидарност“ од Аеродром – соопштија од Општина Аеродром.
Оттаму велат дека грижата за здравјето, активноста и за благосостојбата на пензионерите е важен дел од поддршката што ја овозможува Општина Аеродром.
– Преку ваквите активности, пензионерите ќе добијат можност бесплатно да се рекреираат, да создаваат здрави навики и да уживаат во придобивките од движењето и од дружењето – нагласуваат од локалната самоуправа.
Притоа им препорачуваат: да се психофизички способни и да немаат лекарска забрана за практикување на овој вид физичка активност.
При хронични заболувања, здравствени проблеми или физичко ограничување, потребна е претходна консултација со лекар.
– Општина Аеродром создава можности за активен, здрав и исполнет живот на пензионерите, со повеќе движење, дружење и радост секој ден – децидни се општинските власти.












