Никој никогаш не бил подалеку од дома отколку астронаутите на мисијата „Артемис“. Како што Земјата стануваше сè помала и помала додека се оддалечуваа од неа, астронаутите постојано беа во комуникација со контролниот центар во Хјустон, Тексас.
Сега таа смирувачка врска со домот ќе биде изгубена, додека „Артемис“ заоѓа зад Месечината. Кога астронаутите ќе поминат зад Месечината денес во 18:47 часот по источноевропско време, радио и ласерските сигнали што овозможуваат комуникација помеѓу вселенското летало и Земјата ќе бидат блокирани од самата Месечина.
Четирите астронаути ќе бидат целосно сами во темнината на вселената околу 40 минути, само еден со друг и со своите мисли и чувства. Тоа ќе биде „длабок момент на осаменост и тишина“, пишува Би-Би-Си.
Пилотот на „Артемис“, Виктор Гловер, изјави за Би-Би-Си дека се надева дека светот тоа време ќе го искористи за обединување.
„Кога ќе бидеме зад Месечината, без контакт со никого, да ја искористиме таа можност. Да се молиме, да се надеваме, да си испраќаме добри мисли и чувства дека повторно ќе бидеме во контакт“, изјави Гловер за Би-Би-Си пред мисијата.
Пред повеќе од 50 години, астронаутите на Аполо исто така се соочија со момент на целосна изолација откако го загубија сигналот за време на нивната мисија на Месечината.
Во 1969 година, Нил Армстронг и Баз Олдрин испишаа историја со тоа што ги направија првите чекори на површината на Месечината. Во тој период, астронаутот Мајкл Колинс беше сам во командниот модул, кој орбитираше околу Месечината. Додека вселенското летало минуваше покрај темната страна на Месечината, контактот со астронаутите на површината на Месечината и со контролата на мисијата беше изгубен на 48 минути.
Колинс го опиша искуството во своите мемоари, објавени во 1974 година, наведувајќи дека се чувствувал „вистински сам“ и „изолиран од секоја позната форма на живот“. Тој додаде дека и покрај ова, не чувствувал ниту страв ниту осаменост.
Во подоцнежните интервјуа, тој го опиша мирот и спокојството што ги донесе радио тишината, нагласувајќи дека тоа значеше прекин од постојаните барања на контролата на мисијата во Хјустон.












