Бензините поевтинија за 2,50 денари, но дизелот поскапи за два денари од литар. Мицкоски најави дека се блиску до договор со трговците за уште два денари попуст за дизелот. Во меѓувреме, Собранието ја продолжи кризната состојба за уште шест месеци, односно до април следната година, а од Владата уверуваат дека ќе има доволно гориво и дека засега нема да има промени во цената на струјата

 

Бензините од ноќеска на полноќ ќе се точат по пониска цена, но возачите на дизел повторно ќе плаќаат поскапо. Регулаторната комисија за енергетика ги објави новите највисоки цени на горивата, кои ќе важат во следните седум дена. Во меѓувреме, од Владата најавуваат дека преговараат со трговците за дополнителен попуст од два денари од литар за дизелот.

Според новата одлука, литар еуросупер БС-95 ќе чини 96 денари, а еуросупер БС-98 ќе се продава за 98 денари. Двата бензини поевтинија за 2,50 денари од литар. Сосема поинаква е ситуацијата со дизелот. Неговата цена ќе се зголеми за два денари и ќе изнесува 99 денари за литар. За два денари ќе поскапи и екстра лесното масло за домаќинствата, кое сега ќе чини 110,50 денари за литар. Поскапи и мазутот, чија цена ќе изнесува 53,579 денари за килограм. Според пресметките на Комисијата, цените на нафтените деривати во просек се зголемиле за 0,49 проценти.

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека државата засега добро се справува со енергетската криза и дека е обезбедено снабдувањето со горива. Одговарајќи на новинарско прашање како може да влијае најавениот извоз на руска нафта во САД врз цените кај нас, Мицкоски посочи дека главен фактор и понатаму ќе бидат движењата на светските берзи.

– Кај нас, генерално влијаат тековите што се светските берзи. Факт е дека македонската Влада, за разлика од сите влади во Европа, најмалку зафаќа во делот на ДДВ и на акцизите – рече Мицкоски.

Тој тврди дека поради мерките на Владата, граѓаните во Македонија плаќаат пониски цени за дизелот и за бензините отколку во одредени европски земји.

– Ние ќе продолжиме со таа политика. Сложена е состојбата во светот, се наоѓаме во екот на најголемата енергетска криза и се наоѓаме на линијата на невидливата и тивка трета светска војна – изјави премиерот.

Мицкоски најави дека до крајот на годинава се обезбедени потребните количини горива и дека засега не очекува поголеми потреси ниту во текот на следната година, иако, како што рече, сигурно ќе има предизвици.

Тој се осврна и на продуктоводот што го поврзува солунското пристаниште со рафинеријата ОКТА, посочувајќи дека е наполнет тој и дека ќе има доволно гориво за домашниот пазар.

– Со оваа политика да го штитиме стандардот на граѓаните, ќе продолжиме колку што можеме. До крајот на годинава нема да има нивелирање на цената на електричната енергија – порача Мицкоски.

На прашањето дали ќе продолжи мерката за намалување на цената на дизелот, премиерот одговори потврдно, најавувајќи разговори со трговците за дополнително намалување.

– Да. Разговаравме со трговците за добивање дополнителен попуст. Мислам дека сме блиску до постигнување договор да имаме дополнителни два денари попуст од литар, барем кај дизелот – изјави Мицкоски.

Собранието претходно одлучи да ја продолжи кризната состојба поради можно нарушување во снабдувањето со нафта и со нафтени деривати за уште шест месеци, односно до април следната година. Како дел од мерките за ублажување на ударот врз граѓаните и врз стопанството, Владата го намали ДДВ за дизелот од 18 на 10 проценти, а ја намали и акцизата за горивата.

Според Регулаторната комисија, новите цени се пресметани врз основа на движењата на берзанските цени на нафтените деривати, при што се применети и намалените даночни давачки.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ