Мајка и нејзината седумгодишна ќерка за влакно избегнале сериозни последици откако пешачејќи по тротоарот спроти бензинската пумпа „Лукоил“ кај Цементарница, на улицата „Борис Трајковски“, биле нападнати од три кучиња. „За да се спасиме, бевме принудени да истрчаме на улицата по која се движеа автомобили, дополнително загрозувајќи ги нашите животи! Имавме среќа. Но, што ако ја нема утре некое дете? Ова не е единствен случај и не смее да се чека трагедија за да реагира некој“, пишува мајката на социјалните мрежи. Директорот на ЈП „Лајка“, Војислав Димитровски, вели дека многу често постапуваат на таа локација, ги заловуваат кучињата за да не се размножуваат

 

Мајка и нејзината седумгодишна ќерка за влакно избегнале сериозни последици откако пешачејќи по тротоарот спроти бензинската пумпа „Лукоил“ кај Цементарница, на улицата „Борис Трајковски“, биле нападнати од три кучиња.

– За да се спасиме, бевме принудени да истрчаме на улицата по која се движеа автомобили, дополнително загрозувајќи ги нашите животи! Имавме среќа. Но, што ако ја нема утре некое дете? Ова не е единствен случај и не смее да се чека трагедија за да реагира некој – пишува мајката на социјалните мрежи.

Таа прашува кој ќе сноси одговорност. И додава дека мора, конечно, некој да преземе одговорност и да овозможи безбедни улици за децата.

За случајот мајката веднаш пријавила во полиција, од каде што била упатена дека ЈП „Лајка“ е надлежно за заловување на кучињата.

– До кога ќе се префрла одговорноста од една институција на друга? Не бараме изговори, туку конкретна реакција и одговорност! Дали навистина треба да се случи трагедија, да настрада дете, за институциите сериозно да си ја сфатат работата? Безбедноста на граѓаните, а особено на децата, не смее да биде ничија туѓа надлежност. Некој мора да преземе одговорност, и тоа веднаш – реагира револтираната мајка.

Граѓанин коментира за ова дека не е прашање дали ги сакаме животните, туку дали знаеме да ги поставиме приоритетите на вистинското место.

– Кога се напаѓани луѓе, особено деца, од кучиња, загрижувачки е не само отсуството на навремена реакција туку и молкот што постепено станува нормален. Не, не е нормално. И не смее да стане нормално. Љубовта кон животните не смее да значи занемарување на безбедноста на луѓето. Не станува збор за омраза кон животните, туку за одговорност и заштита на секој човек. Наместо решение, институциите често нудат префрлање на одговорноста, додека граѓаните, покрај стравот и повредите, мораат сами да ја бараат правдата. Институциите не постојат за да објаснат кој не е надлежен, туку за да обезбедат решение. Пред избори, ветувањата се гласни. Вистинската вредност на институциите се гледа кога треба да ги заштитат граѓаните – без изговори и без чекање трагедија. Безбедноста на граѓаните не е избор, туку основна обврска на секое одговорно општество – вели тој.

Директорот на ЈП „Лајка“, Војислав Димитровски, вели дека многу често постапуваат на таа локација.

– Таму сите кучиња се третирани. Кучињата ги заловуваме за да не се размножуваат. Но, таму има група граѓани што заштитнички се однесуваа кон кучињата и реагираат кога ги заловуваме – истакна Димитровски.

Според него, нема драстично зголемување на популацијата на бездомни кучиња.

– Во 2023 и во 2024 година биле регистрирани 4.000 единки, додека во 2026 година околу 4.300-4.400 единки, што е во рамките на прифатливоста. Но, треба да се спомене дека во 2023 година, процентот на стерилизирани единки бил 48, во 2024 се зголемил на 51 %, за повторно во 2026 да се намали на 48 %, што кореспондира со интензитетот на работа НА ЈП „Лајка“ – изјави Димитровски.

Тврди дека проблем е неодговорното сопствеништво, нагласувајќи дека од 40.000 регистрирани домашни кучиња, само 9 проценти се стерилизирани.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ