Германските истражители идентификувале двајца мажи поврзани со Русија како осомничени за минатомесечниот обид за напад со дрон врз украински товарен авион на аеродромот во Лајпциг, објавија во средата локалните медиуми.
Федералните истражители се фокусирани на маж роден во Русија, кој поседува латвиски пасош, и на белоруски државјанин кој исто така има руски пасош, објавија јавните сервиси NDR и WDR и дневниот весник „Зидојче цајтунг“.
Според извештаите, истражителите веруваат дека носителот на латвискиот пасош дејствувал како логистичар и инструктор. Тој влегол во Германија кон крајот на јули преку аеродромот Берлин-Бранденбург, со изнајмен автомобил отпатувал кон Лајпциг, а два дена пред обидот за напад ја напуштил земјата со авион од истиот аеродром.
Во извештаите се додава дека тој има врски со руските разузнавачки служби.
Трагите од ДНК пронајдени на еден од дроновите, на конзерва наполнета со експлозив и на антена прикачена за дрво во близина на аеродромот ги одвеле властите до вториот осомничен, објавија медиумите, пренесува Анадолу.
Антената била користена за засилување на сигналот на мобилната мрежа за далечинско управување со леталото.
Совпаѓањата во базите на податоци во Литванија и Финска упатиле кон белорускиот осомничен, кој и претходно имал полициско досие во неколку земји, се наведува во извештаите. Тој влегол во Германија со италијанска туристичка виза, издадена кон крајот на април во италијанското дипломатско претставништво во Минск.
Германската влада во вторникот и официјално ја обвини Русија за обидот за напад со дрон на 4 август и најави санкции.
Мерките вклучуваат затворање на Генералниот конзулат на Русија во Бон до 18 септември, раскинување на германско-рускиот договор од 2011 година за културни и информативни центри, како и принудно затворање на Рускиот дом во Берлин.
Германија, исто така, нареди персоналот на двете мисии и нивните семејства да ја напуштат земјата во најкус можен рок.
Рускиот амбасадор во Германија, Сергеј Нечајев, ги отфрли обвинувањата како недокажани, апсурдни и спротивни на здравиот разум.
„На брзина скроената провокација на аеродромот во Лајпциг служи исклучиво на интересите на режимот во Киев, милитантното крило на европската политичка класа и големите компании од воено-индустрискиот комплекс, кои се заинтересирани за натамошно разгорување на украинскиот конфликт“, рече Нечајев.
Нечајев ги нарече германските мерки ескалација без преседан во руско-германските односи, која, како што предупреди, нема да остане без последици.












