Македонските банки викендов ќе спроведуваат планирани технички прилагодувања на своите системи, поради воведувањето на новите стандарди во денарскиот платен промет, кои официјално почнуваат да се применуваат од понеделник, 9 ноември 2026 година. Како што информираат од Македонската банкарска асоцијација, активностите се дел од подготовките за имплементација на регулаторните промени што се однесуваат на новите платни налози, шифрите за целта на плаќањето, како и користењето на платежните сметки во ИБАН-формат.
Од Асоцијацијата предупредуваат дека за време на техничките интервенции е можно привремено прекинување или ограничена достапност на одредени банкарски услуги, особено оние поврзани со платежните трансакции. Точните термини во кои ќе се спроведуваат активностите, услугите што ќе бидат засегнати и времетраењето на евентуалните ограничувања ќе бидат објавени преку официјалните канали на секоја банка.
Граѓаните и компаниите се повикуваат навреме да ги планираат плаќањата и редовно да ги следат известувањата од своите банки, за да избегнат евентуални непријатности во текот на викендот. Од Македонската банкарска асоцијација појаснуваат дека постојните броеви на платежните сметки остануваат непроменети. Приспособувањето на нивниот приказ и користењето во ИБАН-формат во електронското и мобилното банкарство ќе го извршат самите банки.
Новите стандарди се дел од процесот на модернизација на националниот платен промет, со цел унапредување и усогласување на платежните услуги со новите регулаторни барања.












