Летото секогаш подарува нови музички хитови, но само мал број песни уште при првото слушање успеваат да создадат чувство дека ќе се пеат долго, дури до доцна есен. Токму со таква амбиција пред публиката пристигнува песната „Балкански регетон“, која е, всушност, нов дует на познатите Тамара Волческа и Јасмин Алиевски, кого го паметиме многу добро како македонски претставник во „Ѕвездите на Гранд“. Новата песна е одлична, летна љубовна приказна, обоена со весели, топли медитерански бои. Со модерна продукција, впечатлив рефрен и со видеоспот снимен на атрактивни морски локации во Грција, ова е проект што заразно ги пренесува летната еуфорија и позитивната енергија до публиката на цел Балкан. Песната премиерно е објавена на официјалниот јутјуб-канал на „Гранд продукција“, а зад проектот стои силен авторски тим.
Текстот е дело на Тамара Волческа, аранжманот го потпишува Јасмин Алиевски, музиката е на Ерик Фокс, додека за миксот и мастерингот се погрижи Андреј Ник, кој му го дава препознатливиот финален звук на овој интересен проект.
Јасмин ни кажа дека идејата за оваа соработка му се родила сосема случајно. – Ѝ пишав на Тамара дека имам добра летна песна и ја замислив неа како соодветен партнер за дуетот. Кога го слушна демото, без двоумење ми возврати: -„Готово, ме освои, ја снимаме песната!“ Тоа беше моментот кога знаев дека оваа песна ќе добие вистинска силна енергија, која лесно ќе се пренесе на публиката.
Јасмин ни открива и дека сценариото за видеоспотот го напишал лично тој. Приказната е динамична, романтична, исполнета со летен дух и, секако, со морска шема. – Сакав спотот да има приказна што ќе го држи вниманието од почеток до крај, но истовремено да биде полн со позитивна енергија, со морски убавини. Снимавме во хотелскиот комплекс „Санимар“ во грчка Неа Фокеа и на уште неколку прекрасни локации на Халкидики. Атмосферата беше одлична и пред камерите и зад нив.
Видеозаписот е снимен покрај море, а има и кадри од базен. Сето тоа во комбинација со кадри од плажите. Атрактивната Тамара плени со својот изглед во костим за капење, истакнувајќи ги своите атрибути. Харизматичниот Јасмин е облечен во летно бело, со што само ја надополнува убавата летна атмосфера.
Тамара Волческа признава дека песната ја освоила уште при првото слушање.
– Ме освои на прва топка. Песната носи позитивна енергија каква што отсекогаш сум сакала да пренесам преку музиката. Најголем предизвик ми беше текстот. Подолго време ја чувавме песната без текст, сè додека не се роди целата приказна за една несекојдневна летна љубов, во реге-ритам.
Таа истакнува дека самиот наслов ја насочил кон идејата песната да добие поголем, балкански карактер.
„Балкански регетон“ е наслов што веднаш отвора простор песната да живее и надвор од нашите граници. На снимањето буквално слетав директно од Италија во Грција, но вредеше секоја секунда. Верувам дека ова лето естрадата ќе добие нов звук. Преку песната и видеото ќе успееме да ја пренесеме убавата енергија до публиката.
Со современ звук, впечатлив рефрен и со видеоспот снимен на медитерански локации, „Балкански регетон“ носи сè што е потребно за да стане едно од највпечатливите музички изданија ова лето. Публиката може да ја слушне песната на „Јутјуб“ и да ја доживее музичката приказна што ја создадоа Тамара Волческа и Јасмин Алиевски. Сепак, нивниот краен избор е да пеат на српски јазик, бидејќи целата продукција е дело на белградски „Гранд“. Во секој случај, одлична шанса за овие наши квалитетни македонски пејачи од помладата генерација во исто време да направат кариера од Триглав до Гевгелија.
(Д. М.) фото: архива












