Екипажот на авион на Кралските воздухопловни сили (RAF) што го носеше британскиот министер за одбрана Џон Хили наишол на блокирање на сигналот додека летал во близина на руската граница.
Неименуван извор на RAF изјави за „Скај њуз“ дека авионот на RAF наишол на „ненамерно блокирање“.
Авион на британските кралски воздухопловни сили (RAF) што го превезуваше министерот за одбрана Џон Хили доживеа проблеми со GPS сигналот додека леташе во близина на руската граница оваа недела.
Хили се враќаше во Велика Британија во четврток по посетата на британските трупи во Естонија, а се верува дека Русија стои зад попречувањето на сигналот. Поради проблеми со GPS системот, пилотите мораа да користат алтернативни системи за навигација за време на тричасовниот лет, објави „Би-би-си“.
Инцидентот првпат го објави „Тајм“. Сè уште не е познато дали Хили бил директна цел, но рутата на авионот наводно била јавно достапна на веб-страниците за следење на летот. Британското Министерство за одбрана одби да коментира за случајот.
Инцидентот се случи само еден ден откако беше објавено дека два руски борбени авиони „повторно и опасно“ пресретнале извидувачки авион на RAF над Црното Море минатиот месец.
Во таа прилика, руски борбен авион Су-35 се приближил до RAF Rivet Joint толку блиску што неговите безбедносни системи биле активирани, предизвикувајќи исклучување на автопилотот.
Дополнително, Су-27 направил шест прелети директно пред авионот на RAF, приближувајќи се на шест метри од него.
Пред инцидентот со попречувањето, Хили бил во Естонија разговарајќи со членови на британските вооружени сили кои учествувале во воена вежба на НАТО во близина на руската граница.
Министерот го пофали „исклучителниот професионализам“ на екипажот на RAF за време на она што го нарече „неприфатливи“ руски прелети.












