„Археолошка азбука“ е прва и единствена книга од ваков тип во нашата земја и во регионот наменета за деца и млади, што на читателите им нуди можност за запознавање со археолошките термини, но и културното богатство на нашата земја. На интересен, сликовит и колоритен начин преку неа младите читатели ќе можат да научат за културното наследство на Македонија, да ги откријат културните богатства на својата татковина, а со тоа и да го осознаат и развијат чувството за сопствената национална припадност.
Книгата „Археолошка азбука“, која е отпечатена и со Брајово писмо и насловена „Археолошка Брајова азбука“, има за цел да ја побуди љубопитноста кај децата и младите, како и да ги поттикне повеќе да истражуваат за новите археолошки поими.
Автори на книгите се универзитетските професори д-р Антонио Јакимовски и д-р Елизабета Томевска-Илиевска и м-р Маја Јаневска.
– На просторот каде што се измешани вековите и настаните, каде што секој предмет има нешто да каже и каде што фантазијата и науката одат заедно, токму тоа место е најинтересно за археолозите, и токму таму тие започнуваат да истражуваат, да копаат, да составуваат, да откриваат. Кога ќе ја состават сложувалката на целата таа приказна од минатото, со голема возбуда му ја покажуваат на светот. И на тој начин му се спротивставуваат на заборавот – посочуваат авторите Јакимовски (доктор по археолошки науки), Томевска-Илиевска (доктор по педагошки науки) и Јаневска (магистер по педагошки науки).
„Археолошка Брајова азбука“ целосно e адаптирано на Брајово писмо и Брајово печатење од м-р Анита Чекановска-Димитриевска, Анета Нолева и Јелена Јурхар, со целосна поддршка од м-р Александра Јаковчевска, директорка на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ од Скопје.
Двете дела се лекторирани од Валентина Бачваровска, лектор во весникот ВЕЧЕР. Деновиве беа промовирани во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во oпштина Кисела Вода од археологот Марјан Јованов и Ана Фрицханд, психолог.