
Англија ќе игра против Аргентина во полуфиналето на Светското првенство, в среда во 21:00 часот.
„Гордиот Албион“ се пласираше во самата завршница од Мундијалот во САД, Мексико и во Канада, а со борбата за својата прва титула од 1966 година почнаа и разговорите за големи бонуси.
Доколку Англија го освои турнирот, играчите и тренерскиот персонал ќе добијат околу 19 милиони фунти бонуси. Таа сума претставува околу половина од наградата од 38 милиони фунти што би ја добила Англиската фудбалска асоцијација од ФИФА за освојување на титулата.
Шемата за бонуси беше договорена пред турнирот со групата играчи што ја претставуваа соблекувалната.
Најголемиот дел ќе им припадне на играчите. Тимот треба да подели околу 15 милиони фунти, селекторот Томас Тухел ќе добие околу 3 милиони фунти, а неговиот тренерски персонал околу 1 милион фунти.
Точниот износ за играч ќе зависи од тоа колку минути има одиграно на турнирот. Доколку се поделат парите подеднакво, секој играч би добил околу 577.000 фунти.
Со пласманот во четврт-финалето, Англија обезбеди околу 19 милиони долари како награда за Федерацијата, а околу половина од таа сума треба да им припадне на играчите и на персоналот.
ФИФА значително го зголеми наградниот фонд за ова Светско првенство. Вкупниот износ е зголемен за 50 проценти во споредба со турнирот во 2022 година и сега изнесува 655 милиони долари или околу 488 милиони фунти. Победникот ќе добие 50 милиони долари, додека пред четири години шампионот доби 32 милиони долари.
Повисоките бонуси за машката репрезентација беа под влијание и на ситуацијата со англиската женска репрезентација. „Лавиците“ јавно го поставија прашањето за бонусите пред Светското првенство во 2023 година откако не успеаја да постигнат договор со ФА.
Тој спор беше решен по турнирот, на кој загуби Англија во финалето, од Шпанија. Откако добија играчите големи бонуси, Федерацијата ги зголеми и износите што потенцијално се достапни за машката репрезентација.
Англиските играчи вообичаено добиваат 2.000 фунти од настап, но, според долгогодишен договор, овие пари се донираат во добротворни цели. Од 2007 година, преку Фондацијата на англиските фудбалери се собрани повеќе од 5 милиони фунти.











