На пистата во касарната „Гоце Делчев” во општина Аеродром, денеска во 18:00 часот ќе се одржи постројување на доброволните пожарникари од сите активни Доброволни противпожарни друштва од Македонија.
Како што соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), целта на постројувањето е да се утврди реалната бројка на доброволни пожарникари кои се подготвени организирано да учествуваат во гаснење на летните пожари на отворен простор преку тимовите за брз одговор на ДЗС.
Директор на ДЗС и Командант на силите за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, пред стројот ќе ги каже неговите планови и очекувања за ова лето и ќе даде насоки за брзо формирање на нова внатрешна структура и хиерархија за полесна и поквалитетна координација и командување со тимовите на ДЗС составени од доброволни пожарникари.
-Целта на новата структура е нивно прецизно, ефикасно и рационално вградување во Системот за гаснење на пожари.Со новата структура ќе се обезбеди добивање и размена на брзи, точни и прецизни информации, брзо носење на одлуки, јасно пренесување на наредбите како и дисциплина на највисоко ниво – вели Ангелов.
Во обраќањето тој ќе зборува и за плановите за развој на доброволното пожарникарство.
По завршувањето на постројувањето предвиден е голем работен состанок на отворено, на кој доброволните пожарникари ќе имаат можност да се запознаат помеѓу себе, да разменат мислења и искуства.
-Воедно и јас ќе имам можност да го слушнам нивното мислење, нивните потреби, барања и сугестии за подобро функционирање во текот на летото – потенцира Ангелов.












