четврток, јуни 4, 2026
Дома БАЛКАН Ана Брнабиќ: Ќе го замолиме Вучиќ да се кандидира за премиер на...

Ана Брнабиќ: Ќе го замолиме Вучиќ да се кандидира за премиер на Србија

167

Претседателката на српскиот Парламент и функционерка на Српската напредна партија (СНС), Ана Брнабиќ, објави дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ги покани сите политички групи во земјата на дијалог, но изрази сомнежи дека многумина ќе одговорат на поканата.

„Кога зборуваме за недостаток на дијалог, не мислиме дека Александар Вучиќ не го сака. Оние кои постојано се залагаат за дијалог, всушност упорно го отфрлаат“, изјави Брнабиќ за РТС.

Таа нагласи дека најтешкиот дијалог ќе биде со членовите и раководството на Српската напредна партија.

„Прво, затоа што мислам дека луѓето во Српската напредна партија се исто така презаситени од молчењето за двојните стандарди и отвореното лицемерие што го слушаме од Брисел. Речиси и да нема некој во СНС кој е поевропеец од мене, а ако јас сум презаситена, тогаш можете да замислите како се чувствуваат другите членови“, рече Брнабиќ.

Според неа, дијалогот е неопходен поради предвремените парламентарни избори, но и поради надворешнополитичката насока на Србија.

„Единствената причина зошто претседателот Вучиќ сè уште не распиша предвремени избори е тоа што светот се соочува со криза каква што не е забележана во нашите животи. Тоа е криза во споредба со која глобалната економска криза од 2008 и 2009 година ќе изгледа смешно. Ќе има недостиг од гориво и храна бидејќи нема вештачко ѓубриво на пазарот, и се повеќе нама да има“, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека Србија, благодарение на претседателот Вучиќ, е подобро подготвена за оваа криза од многу од светските и најсилните земји во Европа.

Зборувајќи за предвремените парламентарни избори, Брнабиќ најави дека ќе го замоли претседателот Вучиќ во СНС да биде кандидат на партијата за премиер.

Таа истакна дека Вучиќ не може повторно да се кандидира за претседател, поради што, тврди таа, ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, „бега“ од парламентарните избори и ја најавува својата кандидатура за претседател.

„Значи, тој не сака да се натпреварува со најсилните меѓу нас“, заклучи Брнабиќ.

ИЗДВОЕНИ