Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, предложи трилатерален состанок меѓу претседателот Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата тајна посета на Москва претходно оваа недела, во обид да се стави крај на војната, изјавија за „Аксиос“ два извори запознаени со ситуацијата.
Ова е првпат Ратклиф лично да се вклучи во дипломатските напори за постигнување пробив во преговорите меѓу Русија и Украина.
Посетата на Ратклиф имаше делумно цел да утврди дали руските разузнавачки претставници би можеле да помогнат во убедувањето на Путин да се согласи на обновување на разговорите со Украина, посредувани од САД, велат изворите.
Во петокот, американските претставници го информираа Зеленски за разговорите на Ратклиф во Москва и предлогот за трилатерален самит.
Администрацијата на Трамп и претходно ја изнесе идејата за таков состанок. Зеленски ја поддржа, но Путин ја отфрли.
Ратклиф тајно отпатува во Москва во вторникот, каде што се сретна со своите руски колеги: шефот на руската Служба за надворешно разузнавање (СВР), Сергеј Наришкин, и директорот на Федералната служба за безбедност (ФСБ), Александар Бортников.
Трамп за Аксиос изјави дека посетата на Ратклиф била „работа како и обично“ и немала за цел да ја предупреди Русија да не напаѓа територија на НАТО.
Американските претставници му рекоа на Зеленски дека Ратклиф, исто така, ја покренал можноста за продолжување на мировните преговори во Москва, велат изворите.
„Њујорк тајмс“ објави дека Ратклиф му дал на Бортников „мрачна проценка“ за ситуацијата на бојното поле и ја повикал Русија да постигне договор пред нејзината ситуација дополнително да се влоши.
Извори за „Аксиос“ изјавија дека Ратклиф заклучил дека Бортников е конструктивен соговорник кој може да помогне во оживувањето на дипломатските напори.











