Туристичката сезона во Охрид почна, а тоа може да се види и по цените во угостителските објекти. Граѓаните на социјалните мрежи се пожалија дека охридските угостители ова лето претерале со цените. Цените на кафето се движат од 150 до 250 денари зависи какво и каде го пиете, цените на пивото се од 150 до 300 денари, а на цедените сокови од 200 до 300 денари. Охриѓани со поделени мислења, едни велат дека во Охрид луксузот се плаќа и сега е сезона и нормално е цените да се повисоки. Други, пак, велат дека во сезона не можат да си дозволат да седнат на кафе и оти е претерано секое лето да плаќаат дупли цени. Сопствениците на кафулиња во Охрид велат дека цените на пијалаците не се многу високи со оглед на тоа дека многу е зголемена киријата на угостителските објекти и цената на работната рака.
– Ако сакате да пиете кафе во кафулињата и во рестораните кои се покрај езеро, ќе платите 200 денари. Цените на пијалаците и храната во кафулињата и рестораните кои се на прва линија до езерото се речиси дупло повисоки. Ако некој сака нозете да му се во езеро и да ги гледа рибите додека пие кафе или пиво, ќе плати поскапо. Секаде луксузот се плаќа. Во чаршијата и во кафулињата кои се центарот на градот цените се поевтини. Кафето е 100 денари, соковите од 100 до 150 денари, а пивото од 150 до 200 денари, вели еден охриѓанец.
Тој додава дека за странците Охрид е евтин со оглед на тоа дека во Германија или Холандија едно кафе чини од 5 евра па нагоре.
Во Охрид има цени за сечиј џеб. Ако јадете во кафеаните кои се покрај езеро, како и во оние кои важат за елитни ресторани и имаат поубава храна и поквалитетна услуга, ќе платите поскапо.
Цената на една плескавица со додатоци е 300 денари, порција пилешки стек чини од 250 до 280 денари, а порција свинско ребро од 350 до 280 денари. Цената на мало пиво на плажа и во елитните ресторани е од 250 до 300 денари. За кило белвица во ресторан ќе платите 1.600 денари, а за кило пастрмка 2.500 денари.
– Охрид е туристички град и очекувано е цените во сезона да се повисоки. За угостителски објект кој се наоѓа на прва линија покрај езеро плаќаме кирија од 4.000 евра месечно. Освен тоа, и цената на работната рака е многу покачена, дневница на еден келнер е 1.500 денари, на шанкер од 2.000 до 3.000 денари. Освен тоа имаме многу други трошоци за струја, вода, комуналии… вели сопственик на угостителски објект во Охрид.
Според него, не може да јадете пастрмка, да пиете некое скапо вино и да очекувате дека ќе платите 500 денари.
– Ако некој сака да си помине евтино во Охрид, тогаш може да си земе пиперки и патлиџани и да се смети во некое од охридските села и да патува со кола секој ден до најблиската плажа, вели угостител од Охрид.
На социјалните мрежи беа споделени фискални сметки од еден кафе-бар во Охрид на кој се гледа дека цените на пијалаците се доста високи. Во очи паѓа цената на турското кафе, кое во Охрид чини дури 160 денари.
Освен во Охрид, ова лето цените на храната и на пијалаците се повисоки и во Грција. Популарната страница „Грчка инфо“ објави табела со просечни цени на храна и пијалаци во угостителските објекти низ Грција. Така, цената на гиро пита се движи од 3 до 4,5 евра, на порција гиро од 7 до 10 евра, суфлаки 3 до 4 евра, пица од 6 до 12 евра. Домашното пиво е од 4,5 до 5 евра, странско пиво од 5 до 6 евра, соковите од 3 до 5,5 евра, топка сладолед од едно до 3 евра, а популарното кафе фрапе од 3 до 4 евра. Цените варираат во зависност од локацијата, ресторанот и сезоната.
(А.С.)