Аеродромите Кротоне и Реџо Калабрија останаа без гориво за авиони поради протестите на камионџиите во Италија, предизвикани од нагло зголемување на цените на горивата и прекините во снабдувањето, објави денес италијанската агенција за контрола на воздушниот сообраќај ENAV.
ENAV соопшти дека пилотите затоа мора да планираат да наполнат гориво на аеродромот на поаѓање или на еден од претходните аеродроми, во количина доволна за продолжување на летот, објави Ansa.
Протестите на камионџиите, кои ги блокираат патиштата и ги зафаќаат сообраќајните ленти за да го забават сообраќајот, започнаа минатата недела во многу делови од Италија, особено на југот на земјата, по штрајковите и протестите на земјоделците и рибарите.
Поради прекините во снабдувањето, полиците во супермаркетите во некои делови од земјата останаа празни. Комитетот на сицилијански транспортери (CTS) вчера објави дека ги прекинува протестите по состанокот меѓу министерот за транспорт Матео Салвини и здруженијата за патен транспорт во Милано, каде што владата најави помош од 480 милиони евра за камионџиите.
Сепак, транспортерите во Калабрија и други делови од јужна Италија најавија дека ќе продолжат со протестите барем до следниот состанок во Министерството за транспорт во Рим, закажан за 27 октомври. Единаесет здруженија на транспортни компании денес го повикаа министерот за внатрешни работи на земјата, Матео Пјантедоци, да интервенира и да дозволи укинување на блокадите на патиштата.
Во заедничка изјава, тие оценија дека понатамошната парализа на земјата повеќе не е оправдана, бидејќи владата го продолжи дијалогот со секторот и презеде обврски да обезбеди итна ликвидност за транспортните компании и да дефинира мерки за решавање на кризата.












