До Европската комисија за мислење доставени се Нацрт-законот за кривичната постапка и Нацрт-кривичниот законик, соопшти денеска Министерството за правда.
-Овие закони се однесуваат на прашања што се во самата основа на кривичната правда: како се утврдува одговорноста за сторено кривично дело, како се спроведуваат истрагите, како се обезбедуваат и изведуваат доказите и како се штитат правата на учесниците во постапката. Нивната подготовка е дел од реформските обврски преземени во процесот на европска интеграција, особено од Реформската агенда, но и од потребата да се надминат слабостите што се покажаа во досегашната примена на казненото законодавство – се наведува во соопштението.
Подготовката на новиот Кривичен законик започна во 2019 година, кога беше формирана експертска група за сеопфатна анализа на постојната кривично-правна рамка. Предлогот на Кривичниот законик беше објавен на ЕНЕР во јули 2022 година и доставен до релевантните институции и организации. Во текот на консултациите беа разгледани повеќе од 50 мислења и предлози, а во текстот се вградени 33 релевантни директиви, како и најновите стандарди и правни инструменти на Европската Унија.
Паралелно се работеше и на новиот Закон за кривичната постапка. Потребата од негово донесување произлезе од развојот на европското и меѓународното процесно право, но и од практичните и номотехничките недостатоци идентификувани во примената на постојниот закон од 2010 година. Работната група ја заврши подготовката на Предлог-законот за кривичната постапка во октомври 2026 година. Во него, покрај усогласувањето со 25 најнови релевантни директиви и стандарди на Европската Унија, се предвидуваат решенија за подобрување на повеќе важни сегменти од кривичната постапка.
-Меѓу нив се конфискацијата, правата и заштитата на жртвите на кривични дела, електронските докази, посебните истражни мерки, финансиските истраги, увидот во списите, одржувањето рочишта и изведувањето докази на далечина, постапувањето по обвинителен акт, главната расправа, правните лекови и други прашања од значење за ефикасноста и правичноста на кривичната постапка соопшти Министерството.
Се додава дека со доставувањето на двата предлога до Европската комисија, Министерството за правда продолжува со исполнувањето на обврските од Реформската агенда и усогласувањето на домашното законодавство со европското право. (Б.Ѓ.)












