Зонското во Реонски Центар и во Ново Лисиче, конечно, ќе се реализира, но засега надлежните не прецизираат кога точно ќе се случи тоа. Жителите на Ново Лисиче информираат дека во влезовите од станбените згради е дистрибуирано известување дека навремено ќе бидат известувани за сите активности што ќе се реализираат во врска со потребата од воведување зонско паркирање. За тоа дека се работи на реализација на зонско паркирање во зоните Д-11 и Д-12, потврдија и од Општина Аеродром. Оттаму информираат дека во моментов Општина Аеродром, Град Скопје, јавните претпријатија „Градски паркинг“ и „Улици и патишта“ работат на подготовка на активностите поврзани со воведувањето зонско паркирање во Реонски Центар и во Ново Лисиче, во зоните Д-11 и Д-12. – Се спроведуваат теренски подготовки и организациски активности, а известувањето што се поставува во влезовите од зградите е дел од навременото информирање на жителите за следните чекори од процесот – објаснија од локалната самоуправа

 

 Зонското во Реонски Центар и во Ново Лисиче, конечно, ќе се реализира, но засега надлежните не презицираат кога точно ќе се случи тоа. Жителите на Ново Лисиче информираат дека во влезовите од станбените згради е дистрибуирано известување дека навремено ќе бидат известувани за сите активности што ќе се реализираат во врска со потребата од воведување зонско паркирање.

За тоа дека се работи на реализација на зонско паркирање во зоните Д-11 и Д-12, потврдија и од Општина Аеродром. Оттаму информираат дека во моментов Општина Аеродром, Град Скопје, јавните претпријатија „Градски паркинг“ и „Улици и патишта“ работат на подготовка на активностите поврзани со воведувањето зонско паркирање во Реонски Центар и во Ново Лисиче, во зоните Д-11 и Д-12.

– Се спроведуваат теренски подготовки и организациски активности, а известувањето што се поставува во влезовите од зградите е дел од навременото информирање на жителите за следните чекори од процесот – објаснија од локалната самоуправа.

Притоа, наведуваат дека во оваа фаза се вршат подготовки поврзани со евиденцијата на станарите, организацијата на режимот на паркирање и со техничките активности на терен.

– По финализирање на процедурите, жителите ќе бидат детално и навремено информирани за точниот датум на започнување, начинот на аплицирање и условите за користење на зонското паркирање – нагласија од Општина Аеродром.

Од ЈП „Градски паркинг“ не одговорија кога точно ќе се реализира проектот, кој требаше да се спроведе во Реонски Центар уште на 1 април. Но, не дојде до тоа, бидејќи жителите од Ново Лисиче реагираа за воведувањето. Тие сметаа дека тоа е спротивно на изборните ветувања, оти оваа активност ќе се спроведе паралелно и во Ново Лисиче и во Реонски Центар.

Тие се жалеа дека во Ново Лисиче не постои жител што барем 15 минути не бара паркинг-место за да дојде дома и затоа, како што велеа многумина од жителите, паркирале токму во Реонски Центар.

Тие тогаш побараа од Општина Аеродром и од Град Скопје итно одложување на спроведувањето на зонско паркирање само во Реонски Центар, а процесот да се спроведе единствено паралелно на двете локации, Ново Лисиче и Реонски Центар.

По реакциите од жителите на Ново Лисиче, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во Реонски Центар на Општина Аеродром, каде што се воведува зоната Д-12, ќе продолжи да важи постојното правило според кое сите резиденти, физички и правни лица ќе можат да паркираат во сите зони на територијата на Општината, без надоместок. Веднаш потоа известија од ЈП „Градски паркинг“дека се пролонгира воведувањето на зонското паркирање, односно започнувањето со работа на зоната Д-12 во Реонски Центар, кое беше предвидено за први април. Притоа, објаснија дека пролонгирањето ќе биде сè до комплетирање на сите неопходни активности.

– Тоа подразбира целосна усогласеност на сообраќајниот проект за зонско паркирање за новата зона Д-11 – Ново Лисиче и поставување соодветна вертикална и хоризонтална сигнализација. Целта е спроведувањето на зонското паркирање во овој дел од градот да биде комплетно, правично и паралелно, без притисок и прелевање на проблемот со паркирање од една во друга зона – соопштија тогаш од ЈП „Градски паркинг“.

Од претпријатието тогаш изразија надеж дека во текот на мај 2026 година ќе се почне со реализација  зонското паркирање во двете зони, Д-11 и Д-12.

 (А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ