Проектот за градскиот воз во Скопје добро напредува. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во телевизиско интервју наведе дека ЈП „Железници – Инфраструктура“ одлично го работи овој проект и е прикрај со бајпасот на Скопје, односно првата делница што треба да оди од Драчево, северно кон Илинден и кон Миладиновци.
– Тоа е бајпас што ќе биде за каргосообраќајот, со цел карголокомотивите веќе да не влегуваат низ центарот на Скопје, да патуваат и ќе ги забраниме дизел- карголокомотивите со цел да се заштити животната средина. Ќе можат да оперираат само електричните. За тоа, всушност, и почнавме постапка заедно со Европската банка за обнова и развој, за набавка на нови електрични локомотиви – потенцира Николоски.
Тој потенцираше дека реализацијата на проектот е во напредна фаза и оти очекува во текот на јуни да биде завршена пругата, јули и август ќе се користат за тестирање, за веќе на 1 септември да може да стартува.
Прашан дали ќе има интерес и дали ќе биде исплатлив ваквиот вид јавен превоз на граѓаните, тој потврди дека ќе има исплатливост, бидејќи, како што образложи, картата за граѓаните што ќе го користат градскиот воз ќе биде по доста атрактивна цена.
– Дали ќе го користат или не, на крај останува на нив. Наша работа е да ги создадеме сите услови за може да се користи. Јас се надевам дека граѓаните ќе го користат затоа што се работи особено за приградските населби, за најбрз начин да се стигне до центарот на градот и за да се стигне навреме, затоа што точно ќе може да се пресмета за колку време се стигнува. Сега, на пример, ако тргнете од Зелениково или од Драчево, вие не може да пресметате за колку време ќе стигнете во центарот на Скопје, не знаете каков метеж ќе ве затече по пат, а овде јасни ќе бидат тајминзите – изјави Николоски.












