– Не е проблем да се направи добра гајда, проблем е да се набави соодветен материјал. Интересот за гајдата како музички инструмент е голем во нашата држава, но и пошироко. Има многу млади кои сакаат да свират на народни музички инструменти, меѓу кои и на гајда, а меѓу нив и оние што сакаат да учат и што почнаа да е занимаваат со нивна изработка. Звукот на гајдата ни е во гените, младите треба да ја продолжат традицијата, вели Љубен Јуртоски од Прилеп, кој веќе 34 години со голема љубов и умешност го изработува овој инструмент

 

Потребно е многу знаење и вештина за да се изработат традиционалните народни дувачки инструменти, а токму гајдата е инструмент кој бара посебна умешност, токму од причина што нејзината изработка е сложена, а мајстори има малку. Составена од повеќе делови мешина, гајдарка, брчало, слагарче и дувало, гајдата е посебен предизвик за изработувачите на инструментите, но не и за оние што го знаат занаетот. Еден од нив е и Љубен Јуртоски од Прилеп, кој веќе неколку децении со љубов и со посебна посветеност сложената работа ја прави едноставна и возвишена, токму поради знаењето што го стекнал во текот на својот живот во кој гајдата имала посебно место. Денес, музичарите кои свират не само на гајда туку и на кавал, дудук, зурла, тапани… добро го знаат името на овој мајстор, бидејќи инструментите изработени од неговите раце се дел од големите музички настани, фестивали и семејни веселби не само во државата туку и надвор од границите. А гајдата има значајна улога во севкупното градење на музичката култура во Македонија. Токму „Традиционална изработка и свирење гајда“ во 2024 е впишана и на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.

Вие сте еден од ретките изработувачи на гајди во државата. Можете ли да ни кажете како започна вашиот интерес за правење на овој традиционален македонски инструмент кој нè поврзува со историјата и со традицијата на нашата земја и колку долго изработувате гајди?

Интересот за изработка на гајди кај мене започна сосема случајно. Јас сум дипломиран економист, но бев роден занаетчија. Татко ми свиреше на гајда и јас, без некоја мисла дека изработката на гајди ќе ми стане професија, почнав да собирам потребeн материјал, да купувам и да правам алати и потребни делови за машина (торно) за обработка на дрво. Откако успеав сè да комплетирам, почнав и да го изработувам овој инструмент. На почетокот, гајдите ги правевме заедно со татко ми, кој и свиреше на инструментот. Тоа беше од љубопитност, тогаш не бев вработен (во време на распадот на Југославија) и приватно водев сметководство, но занаетот ми одеше од рака. Подоцна изработував и други народни музички инструменти – кавали, дудуци, зурли и тапани. И еве, веќе полни 34 години сум изработувач на народни инструменти.

Дали изработувате гајди само за музичарите и членовите на културно- уметничките друштва или и за туристите и воопшто, дали има интерес за овој инструмент? Дали странците бараат да понесат гајда како сувенир во својата земја? 

Интересот за гајда како музички инструмент е голем во нашата држава, но и пошироко. Има многу млади кои сакаат да свират на народни музички инструменти. Професорот и музичар Драган Даутовски, во 90-тите воведе насока за народни инструменти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а овие инструменти се изучуваат и на факултетот во Штип, како и во основни и средни музички училишта кои се отвораат во повеќе градови. Затоа, интересот да се има еден ваков инструмент е голем. Има и многу луѓе во Австралија, Америка и во повеќе европски држави, особено во државите од поранешните југословенски простори, од каде што бараат да им изработам некој од овие инструменти, но најмногу гајди. И во Франција имаше фолклорно друштво кое доаѓаше во Македонија за да научат неговите членови да свират на народни македонски традиционални инструменти и да играат македонски ора. Има фолклорни друштва од други држави кои свират на народни инструменти и негуваат традиционална народна музика и тие доаѓаат кај нас и бараат да купат некои од инструментите. Муштериите ги купуваат гајдите за да научат да свират на нив, а ретко за сувенир. Стана некако традиција да се негува свирењето гајда, на свадби, крштавки, семејни веселби…

Колку е тешко да се изработи една гајда? Колку време е потребно и како оди постапката?

За изработка на една гајда е најтешко да се најде соодветен материјал. За делот кој се вика гајдарка и на која има седум мелодиски отвори на лицето и една на задниот дел за палецот, се користи дрво зеленика, и тоа од памтивек, традиционално. Може и од абонос, но тој е скап и го нема во нашата држава, а и да се набави од  други држави е скап. Друг дел од гајдата е брчалото, (басот) кој се состои од три дела и писка, за чија изработка исто е потребна зеленика. Што се однесува до кожата за мев, се користи јагнешка или јарешка кожа. Изработката на мевот за гајдата трае подолго време, околу еден месец, зашто треба да се истриже, испере, да се суши, да се премачка… Најдобро е таа да биде од средна големина. Инаку, проблеми во изработката и пронаоѓање на материјал за делови од гајда има многу, нема говедски рогови, нема квалитетна трска за писка и нема дрво (зеленика). Писка е извор на тонот и таа се изработува од трска и тоа не каква било. Се користи питома трска, која треба да има соодветен физички и хемиски состав. Значи, не е проблем да се направи добра гајда, проблем е да се набави соодветен материјал.

Дали македонската гајда има некоја посебна специфичност, начин на препознавање, во однос на гајди изработени во други земји?

Токму по писката се разликуваат македонските гајди од оние во Бугарија, Ирска, Шкотска, Чешка и други европски држави, каде што за гајди користат вештачки писки. Се разликуваат по бојата на тонот што се добива. Ние во Македонија користиме писка од трска, значи природен материјал, додека во Бугарија на пример, се користи писка од пластика. Јас не сум музичар, јас сум само изработувач и свирам колку да ги наштимам гајдите, но го разликувам тонот.

Во 2024 година, гајдата е заштитена од УНЕСКО, па значењето на овој традиционален народен инструмент стана повидливо. Со самата изработка на гајди, вие сте и еден од чуварите на овој инструмент. Дали во државата има интерес и кај помладите за нејзина изработка или овој занает е пред изумирање?

Што се однесува до изработката на гајди, има млади во Kочани, Оризари, кои сакаат да учат и кои почнаа да е занимаваат со изработка на гајди. Тие се интересираат и кога имаат потреба или кога се јавува некој проблем при изработката, се јавуваат кај мене. Секогаш гледам да им излезам во пресрет и да им помогнам.  Како и да е, важен е интересот. Треба да сакаат да работат, да имаат интерес и да гледаат како се изработува, бидејќи така и ќе научат, ќе добијат идеја за изработка на подобар инструмент. Треба да имаат осет, координација и потребен алат. Секој работи на свој начин. Бидејќи тие и свират на народни инструменти, можеби и полесно ќе се снајдат во изработка на добра гајда. Сметам дека занаетчија кој ќе се посвети на таа работа би можел да направи одлична гајда. Кога не беа вработени, и мојот син и ќерката ми помагаа во изработката на инструментите, но сега тие имаат своја професија. Сепак, не одбиваат кога ми е потребна помош. Треба да има млади кои ќе ја продолжат традицијата.

Неодамна се одржа и фестивал на гајдата, на кој учествуваа гајдаџии од цела Македонија. Колку е важно да го зачуваме звукот на гајдата?

Звукот на гајдата ни е во гените. Свиреле нашите татковци, дедовци… Добро е што има фестивали на кои се свират народни инструменти. Таму доаѓаат нашите познати музичари, но има и млади деца кои свират. Иако е најпознат фестивалот „Пеце Атанасовски“, добро е што и Стефче Стојковски почна со фестивал на гајда. Потребно е да се погоди и период за одржување на фестивалот, за да можат да присуствуваат што поголем број луѓе и да ја слушнат музиката што се создава со овие народни музички инструменти. Проблем е што денеска, доколку некој сака да го слушне звукот на гајдата, тоа може да го направи на интернет, на „Јутјуб“ може да слуша, па затоа можеби и посетеноста не е голема. Концертите со народни музички инструменти се мевлем за душата, а свирењето на народните инструменти го смируваат човекот.

Даниела ТРАЈКОВСКА

 

ИЗДВОЕНИ