Хорот при македонската православна црква „Света Петка“ од Рокдејл, Австралија ќе застане на една од најпрестижните концертни светски сцени – Сиднејската опера. Овој хор на 6 септмеври ќе биде дел од големиот јубилеен концерт „ROMCA: Anniversary X“ посветен на десетгодишнината од основањето на Рускиот православен машки хор на Австралија – ROMCA.
На големата сцена покрај домаќинот, ќе настапи и хорот при МПЦ-ОА „СВета Петка“ од Рокдејл, Антиохискиот православен машки хор и српски православен хор „Св. Лазар – Лазарица“. Според официјална програма на Сиднејската опера, македонскиот хор „Света Петка“ ќе има самостоен 15-минутен настап во првиот дел од концерот. Првиот дел ќе биде посветен на православното акапела пеење.
Александар Младеновски, потпретседател на управниот одбор при Македонската православна црква „Света Петка“ во Рокдејл, за радио програма „СБС на македонски“ изјави дека можноста да се настапи на оваа престижна сцена претставува особена чест и признание,
-Особено кога станува збор за настап на неодамна формиран хор, како што е хорот при Македонската православна црква „Света Петка“ од Рокдеjл. Ова е еден историски момент бидејќи се настапува на една од најпрестижните светски сцени. Ова е и голема и чест и одговорност бидејќи ќе го претставуваме македонскиот православен народ и македонска православна култура – изјави Младеновски.
Тој објасни дека хорот постои веќе две години а на сцената ќе настапат со околу петнаесетина членови.
-Ќе настапиме со две црковни химни, а третата ќе биде македонска композиција „Зајди, зајди“, како и други композиции. Почестени сме со поканата да настапиме и се надевам дека ваква убава соработка во православната заедница во Австралија ќе продолжи – потенцира Младеновски. (Б.Ѓ.)












