петок, октомври 16, 2026
Дома СВЕТ Злоупотребата на народните пари не е балканска измислица – Французин со години...

Злоупотребата на народните пари не е балканска измислица – Французин со години примал социјална помош, а возел „ферари“ вредно 200.000 евра!

45

Француските специјални полициски единици, заедно со членови на други безбедносни служби и агенции за спроведување на законот, деновиве изведоа операција во која беа уапсени членови на семејство, кои со години примале социјална помош, а во исто време заработувале вистинско богатство преку нелегален бизнис.

Сè почнало во јуни минатата година, кога сообраќајната полиција во департманот Воклиз, на југот на Франција,  запрела автомобил „ферари портофино“ кој се движел со брзина од 247 километри на час. За време на контролата на документите се покажало дека возачот формално бил бездомник, бидејќи немал регистрирано живеалиште. Тој исто така тврдел дека луксузниот автомобил, вреден околу 210.000 евра, е на неговата мајка.

Тој изјавил дека нема никакви приходи и дека не е вработен. Полицијата веднаш му ја одзела возачката дозвола и го запленила возилото. По проверката на неговите тврдења, беше откриено дека автомобилот, всушност, му припаѓа на семејниот бизнис за недвижнини, што тој го управувал. Неговата мајка, брат и сестра, кои живеат во соседниот департман Вар, биле вработени или сопственици на компанијата. Како што пишуваат француските медиуми, ова откритие предизвикало детална истрага за приходите и начинот на живот на семејството.

Истрагата утврдила дека членовите на семејството со години ја лажеле државата, примајќи социјална помош, додека, всушност, остварувале значителни приходи преку непријавен бизнис. Според француската жандармерија, откриена е сложена финансиска шема. Со текот на годините, нивната компанија остварила приходи од над 1,6 милиони евра, додека начинот на живот на осомничените бил обележан со купување во луксузни продавници и патувања до престижни дестинации. Таквиот начин на живот бил во целосна спротивност со нивниот пријавен социјален и даночен статус.

Претресот е извршен овие денови и притоа се пронајдени и конфискувани речиси 13.000 евра во готово, три возила со вкупна вредност од околу 65.000 евра, речиси 67.000 евра на банкарски сметки, луксузни стоки и предмети како накит, часовници, обувки и кожни производи со проценета вредност од над 170.000 евра, како и недвижен имот во вредност од над 600.000 евра. Исто така, пронајдена е пушка со калибар 22 и муниција за неа. Членовите на семејството се обвинети за нелегална работа, перење пари, злоупотреба на средствата на компанијата и измама во врска со остварување на правото на државна социјална помош. Според веб-страницата на француската жандармерија, тие ја оштетиле државата за речиси 1,8 милиони евра.

Сличен случај со злоупотреба на социјална помош во Франција имало и претходно. Полицијата во градот Лаболе сопрела „порше“, управувано од 29 годишен маж, со брзина од 178 километри на час. Тој немал возачка дозвола и бил под влијание на канабис, а понатамошната истрага открила дека е корисник на социјална помош иако возел автомобил од стотина илјади евра.

И, со тоа не завршуваат таквите измами во Европската Унија. Слична шема во 2024 година спровел и жител на австрискиот град Грац, кој примал социјална помош за инвалиди, а возел „порше“. Во истрагата, која почнала по анонимна пријава, откриено е дека 61-годишниот измамник, кој ги оштетил даночните обврзници за околу 300.000 евра е сосема здрав, води луксузен живот, летува на Тајланд и се забавува. Ова се случило иако во Австрија има посебна единица за измами со социјалниот систем – СОБЛЕ, а откриено е благодарение на анонимна пријава.

ИЗДВОЕНИ