Царинските службеници на граничниот премин Богородица откриле и заплениле златен накит вреден 4 милиони денари, кој патник од Тетово, сопственик на златарница, се обидел да го прошверцува во перница за врат додека се враќал со автобус од Истанбул. Против сторителот е поднесена кривична пријава за кривичното дело „криумчарење“.
Царинската управа соопшти дека е откриено кривичното дело при контрола на автобус, кој сообраќал на релација Истанбул – Гостивар.
– На прашањето дали имаат нешто да пријават, ниту еден од патниците не пријавил стока за царинска контрола, по што бил извршен детален преглед. Притоа, во внатрешноста на перницата за врат што ја носел осомничениот биле откриени 77 парчиња златен накит со тежина од 612 грама – соопшти Царинската управа.
Управата посочува дека во предистражната постапка на Одделението за истраги се обезбедени докази дека тетовецот имал намера нелегално да го пренесе златниот накит, кој го купил од златарска работилница во Истанбул, во државава и да го продава во својот златарски дуќан.
– Царинската управа продолжува со активностите насочени кон заштита на финансиските интереси на државата и за обезбедување услови за фер економија – се наведува во соопштението.












