недела, јануари 25, 2026
Дома КОЛУМНИ ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Опасна ситуација

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Опасна ситуација

56
Оптимизмот и верувањето дека сè ќе биде добро на крајот се клучни за надминување на животните тешкотии и за излез од кризната ситуација.

Опасностите го демнат современиот човек, така што колку и да го избегнуваме нивното влијание, нема целосно да ги елиминираме. Тоа не значи дека треба да живееме во постојан страв, да шириме паника или да се опуштиме и воопшто да не се грижиме за последиците од сопственото однесување. Нештата најчесто се такви какви што ги создаваме со своите мисла, збор и дела – тие не се плод на судбината, туку производ на нашиот однос кон вредностите или кон слабостите во животот. Како им пристапуваме на тешкотиите, такви ќе бидат и решенијата за излез од нив. Кога живееме во страв, манифестираме неодговорност, неразумност и себичност, тогаш не треба да се надеваме на успех и реализација.

Самосвеста, позитивниот пристап и препознавањето на опасноста се клучни за надминување на проблемите и за излез од кризата.

Колку поинтензивно стравуваме, паничиме и нерационално постапуваме, толку побрзо се движиме кон опасноста и го загрозуваме сопственото постоење. Стравот од непознатото е најголемиот непријател на мирот и хармонијата. Кога проектираме црни сценарија и сметаме дека ќе настрадаме, тогаш зрачиме со негативна енергија и несвесно ја оживуваме и повикуваме опасноста.

Преземањето одговорност за сопствениот живот и постапувањето во насока на етиката, дисциплинираноста и добродетелта треба да бидат наш придонес во креирањето решенија за излез од кризата. Доколку со своите неразумност, неодговорност, испаниченост и исплашеност ѝ подлегнеме на негативната енергија, тогаш на какви позитивни резултати треба да се надеваме?

Подигнувањето на свеста и осознавањето на опасноста треба да бидат наши приоритети, надополнети со способноста за избегнување ризични активности.

Недостигот на знаење претставува недостиг на моќ и немање капацитет за излез од кризата. Едно е да осознаеме од каде демне опасноста, а сосема друго е да не знаеме од каде ќе следува таа. Препознавањето на опасноста е половина решение за спас од неа.

Голема наивност и неразумност е да се потцени силата на опасноста и да се смета дека „јас нема да бидам во загрозените“. Секој може да биде загрозен и со своето неодговорно однесување да придонесе да бидат загрозени и другите луѓе. Од друга страна, опстојувањето во страв, манифестирањето паника и ширењето негативна енергија може да создадат сериозни проблеми за внатрешната состојба на личноста и да ја нарушат сигурноста во надворешната околина.

Со долготрајно опстојување во страв, стрес и негативна енергија, неминовно го оптоваруваме имунитетот и го ослабуваме сопственото биополе.

Човекот поседува силни механизми на самозаштита и способност за регенерација. Малодушноста, наметнатиот страв и уверувањето дека сме жртви на судбината нема да ни донесат ништо добро во животот. Според епигенетските истражувања, надворешните фактори и начинот на живот го условуваат активирањето или исклучувањето на нашите гени. Тоа укажува дека со своето размислување, однесување и дејствување ние сме креатори на сопствената судбина.

Од нашиот пристап кон стресот, траумата и тешкотијата во голема мера зависи квалитетот на животот. Силното емоционално реагирање поради неразрешени трауми, подложноста на константни стресови и негативни вибрации неизбежно го ослабнуваат нашиот имунитет и нè прават подложни на разни болести. Покрај другото, психофизичката криза неретко произлегува и од следниве околности: опстојување во нездрава социјална средина; неприфаќање на самите себе; депресија; несогледување на вистинските проблеми; живеење со чувство на вина; таложење емоционален отров манифестиран низ гнев, тага и потсвесна агресивност.

Храната која ја јадеме, средината во која живееме, социоемотивните односи кои ги развиваме, психичките состојби низ кои поминуваме, стилот на животот кој го водиме во голема мера влијаат врз нашата епигенетика. Нездравата средина, лошите меѓучовечки односи, стресот, стравот и негативните навики имаат моќ да ја нарушат нашата епигенетика и да нè соочат со болести.

Позитивниот пристап, оптимизмот и добрата волја се главните вредности што ѝ се потребни на нашата личност.

Кога внимаваме на самите себе, манифестираме одговорност кон другите луѓе и стануваме свесни за потенцијалните опасности, тогаш ја зајакнуваме сопствената енергетска состојба и психофизички напредуваме.

Имунитетот е тесно поврзан со енергетската состојба на нашето битие. Науката докажала дека емоциите силно влијаат врз имунитетот. Губењето надеж, ослабената волја, потиштеноста и обесхрабреноста длабоко ги поткопуваат можностите за излез од кризата и за надминување на опасноста. Во фолклорните умотворби е запишано: „Кога ќе ги спушти човекот крилјата (се откажува од борба), набргу му се зголемува шансата да заболи од тешка болест“. Научно е докажано дека имунитетот ја губи својата моќ кога живееме во константен стрес, страв и тага. Според рускиот истражувач Сергеј Лазарев: „Депресивната состојба провоцира закани од разни болести и активира напади од некои вируси“.

Постои голема поврзаност помеѓу нашето физичко и психичко здравје, така што одредени физички симптоми произлегуваат од психички причини. Се смета дека може да ни се разболат органите кога сме постојано гневни, кога ја губиме верата во Бога (или судбината) и кога почнува душата да страда.

Кога сме внатрешно разјадени, со црни песимистички мисли и живееме во страв и бесмисла, тогаш неизбежно стануваме подложни на разни болести. Со губење на волјата за перспективите на иднината, со долготрајна потиштеност и подложност на стрес, го дисхармонизираме своето биополе и ја уништуваме способноста на имунитетот да ги идентификува и уништува штетните бактерии и вируси.

Најголемата опасност произлегува од немирот во душата, затапеноста на духот и од предаденоста на ниските вибрации на телото.

Современата медицина е фокусирана на телото – таа не ѝ посветува доволно внимание на душата.

Кога погрешно се однесуваме на внатрешен план, кога ја ослабуваме верата и ја зголемуваме агресијата, тогаш на потсвесно ниво ја вклучуваме програмата на самоуништување. Со односот што го развиваме кон етиката, духовноста, социјалната средина и природата, веќе е вклучена програмата на самоуништување на ниво на целото човештво. Општ заклучок е дека сè помалку вирее љубовта на нашата планета. Цивилизацискиот напредок отвори простор за индустријализација, технологизација и сателитизација, но ги деградира моралот, чесноста, одговорноста и семејните вредности.

Емпатијата, грижата, духовноста и сомилоста ја загубија битката со култот на парите и со разулавеното предавање на ниските страсти и задоволствата на телото. Сето тоа создаде лоши последици за психофизичката структура на човекот, сериозно загрозувајќи го опстанокот на човештвото, кое сè повеќе влегува во агресивно-депресивна состојба. Кога не водиме сметка за љубовта, одговорноста и духовноста, неминовно ги разгоруваме гневот, алчноста и себичноста. Тогаш не размислуваме за последиците од своето однесување, туку исклучиво сме заинтересирани за егоистичните цели и интереси. Во периодите на најголемите опасности (загадувања) да се манифестира алчност, површност и неодговорност кон сопственото и туѓото здравје значи дека некои луѓе не го положиле испитот на зрелоста, туку поседуваат ментален склоп на „едноклеточни организми“.

Ако човекот не ги почитува законите, се однесува себично и неморално, тогаш му се намалува љубовта во душата. Кога ќе се навикне таквиот поединец на неморалното, за него станува вообичаено да се откаже од љубовта и потоа тргнуваат проблемите. За да престанеме да грешиме, неопходно е да ја преземеме одговорноста за сопствениот живот и да ја подигнеме свеста на повисоко ниво. Работењето на заедничките интереси е основно за излез од кризата и за дистанцирање од негативноста.

Единствено со љубов, морал и со верба во Бога можеме да се спасиме од најголемите опасности. Правилниот однос е залог на опстанокот. Во тој правец одат и мудрите поуки запишани во Библијата: „Патот на праведните е да се отстрануваат од злото, и кој внимава на својот пат, го чува својот живот“.

(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

ИЗДВОЕНИ