Голема мудрост е да умееме да ја сочуваме својата енергија, да ја надополнуваме, да ја заштитиме и да ја насочиме кон позитивни цели. Ништо не е побитно од нашата виталност и способност за хармонизирање на својата психофизичка енергија. Кога се чувствуваме исцрпено од разни притисоци, стресови и негативни влијанија, тогаш многу бавно ќе напредуваме во животот. Секогаш треба да внимаваме на сопствените мисли и емоции, но и да преиспитаме каква е улогата на другите луѓе во нашиот живот. Некои лица ќе придонесуваат да се чувствуваме убаво, а некои други ќе нѐ изместуваат со своите критики, незадоволства и негативни пристапи.
Позитивно ќе направиме за своето биополе доколку се ориентираме кон сѐ што ја потхранува, надополнува и развива нашата енергија. Никогаш нема да успееме севкупно да ги искористиме своите потенцијали. Но, ако сакаме да постигнеме повисоко ниво на виталност и креативност, неопходно е да се заштитиме од сè што влијае дисхармонично врз нашата личност. Затоа, треба да бегаме од лицата и ситуациите кои емоционално нè вознемируваат и нè празнат на енергетски план.
Постојат единки кои постојано ја играат улогата „кутриот јас“. Тие претпочитаат да им се наметнуваат на другите со постојани жалби: кутриот јас, види колку ми е тешко; види каква ми е врската; види како ми е на работа; види како се мачам со немање пари; нешто не сум добар со здравјето; многу лошо се чувствувам; направи ми една услуга итн. Овие лица ретко преземаат одговорност за сопствените постапки, така што наметнуваат дека само лоши работи им се случуваат во животот.
Лицето кое ја експонира животната концепција „кутар јас“, многу бавно ќе напредува и ќе настојува другите постојано да му бидат на услуга. Сè во животот бара реципроцитет. Ако некој константно се жали и негативно зрачи, тогаш таквиот однос е осуден на неуспех. Долгото опстојување во дисхармонична релација ќе предизвика психофизички да се разнебитуваме и да се полниме со неубави вибрации. Голем проблем за нашата личност е ако не умееме да кажеме „не“, туку наивно се заплеткуваме во туѓите негативни матрици на однесување.
Треба да покажеме емпатија, но воедно и да преиспитаме во каква состојба се наоѓа нашата душа. Некои лица ја искористиле нашата енергија (совети и поддршка) и откако постигнале одреден напредок, целосно се дистанцирале од нас. Разочарувањето е огромно откако ќе станеме свесни дека сме биле изманипулирани и искористени од неблагодарни и себични поединци. Горко е чувството кога осознаваме дека другите никаде ги нема кога нам ни е потребна поддршка, внимание или одредена услуга. Најлошо е целосно да паднеме на психофизички план и да станеме зависни од надворешните фактори.
Екстремната преокупираност со туѓите проблеми ќе предизвика да ја загубиме контролата врз сопствениот живот. Затоа, убаво е да им се наоѓаме на луѓето во период на лична криза, но лошо е ако тие константно поминуваат низ животни тешкотии и никогаш не преземаат одговорност за своите постапки. Постојат поединци кои очекуваат другиот да им биде на услуга, без притоа да работат на разрешување на сопствените слабости. Доколку подлегнеме на туѓите сугестии, желби и потреби, тогаш ќе бидеме моделирани според туѓи шеми, а не според внатрешната животна матрица. Разните притисоци можат да произлезат од нашиот брачен сопатник, роднина, пријател, колега на работното место или, пак, од лице кое ја наметнува фразата „кутриот јас“: види колку тешко се снаоѓам во животот; треба да ми помогнеш; треба да ми дадеш; треба да направиш нешто добро за мене итн.
Како да постапиме за да се заштитиме од туѓите негативни матрици на однесување?
- Внимавај со лицата што постојано велат „кутар јас“!
Секој човек поминува низ криза и се соочува со одредени животни непријатности. Колку и да сме горе, еден ден и ние можеме да паднеме долу. Дали во тој случај ќе може да се надеваме на помош и на поддршка од лицата кои развиваат матрица на „кутар јас“? Некои од нив ќе ни помогнат, но повеќето ќе речат: немам време; и јас имам свои проблеми; кај ме најде сега; барај ме ако не се снајдеш, па ќе видиме што можам да направам за тебе итн.
Треба да учиме од неубавите животни искуства и да имаме на ум дека кога сме на врвот сите нѐ сакаат, а кога сме паднати долу, мнозина ќе нѐ избегнуваат. Едно е кога сме им потребни на луѓето, а сосема друго е кога од нас немаат никаква корист. Живееме во време на користољубивост и манипулативност, така што ќе мора максимално да бидеме внимателни за кого се заземаме.
- Внимавај на лицата што постојано создаваат драма и критички се однесуваат!
Најкарактеристично за овие поединци е што во сѐ го гледаат неубавото и што манифестираат критизерство: види колку е лошо; како можеш толку да грешиш; како можеш да се дружиш или да бидеш во врска со него; зошто си уште на тоа работно место; колку е лошо општеството; ништо не си направил во животот итн. Овие лица постојано драматизираат колку нештата не се убави и со својот критизерски дух нужно пренесуваат негативна енергија. Ако го прифатиме нивното драматизирање, тогаш во себе внесуваме немир и негативни вибрации. Треба да разбереме дека никој не е совршен, бидејќи секој поседува одредени слабости. Драми можат да прават партнерот, роднините, колега на работното место или некој од пријателите. Блиските би можеле да манифестираат незадоволство, бидејќи „немаме време за нив“ или, пак, „не сме им ги разбирале маките“. Има лица кои постојано ги експонираат своите страдања, а, всушност, тие само бараат да бидат во центарот на вниманието и да придобијат грижа и сожалување.
Позитивните резултати никогаш нема да пристигнат ако постојано се жалиме, шириме песимизам и наоѓаме изговори за состојбата во која се наоѓаме. Кога нашите мисли и емоции праќаат сигнал „јас страдам”, тогаш привлекуваме настани кои се во корелација со таквата ментална и емоционална фреквенција. Тоа предизвикува да се чувствуваме како жртва.
Единките со филозофија „кутар јас“ имаат потреба некој постојано да ги потхранува и да им помага, а лицето кое драматизира живее во страв, незадоволство и критицизам. Постојат и поединци кои поседуваат исклучително тешка и напорна психичка енергија. Тие се нарекуваат енергетски вампири. Кога сме во нивна непосредна близина, може да се почувствуваме мошне исцрпено и неудобно.
Овие три типа луѓе негуваат слични матрици на однесување. Со своите негативни гледишта кон животот, тие проектираат ореол на жртва, манифестираат тага, гнев и незадоволство, имаат потреба од внимание и сакаат да се поткрепат со туѓата енергија. Кога сме во одредена релација со овие лица, ние се губиме себеси и може целосно да се дисхармонизираме.
Поуката гласи: внимавај на својата енергија; внимавај кон што и за кого ја одлеваш својата енергија; бегај од сѐ што те празни и насочи се кон сѐ што те полни; помогни им на другите, но внимавај и на својата енергија; поттикни ги блиските да преземат одговорност за сопствениот живот; разбери дека најскапоцени се времето, енергијата и вибрацијата со која зрачиш.
Секој човек треба да ги оплоди со вредност својата енергија, својата виталност, своето време и да ги реализира своите цели и потреби. Доколку ги запоставуваме своите потреби и цели и немаме креативна енергија и визија, тогаш неизбежно ќе станеме зависни од надворешните фактори. Кога сме во бездната на егзистенцијата, секогаш постои опција да бидеме извлечени од раката на спасот, но најчесто тоа нема да се случи. Во природата на дел од луѓето е да забораваат на туѓите добрини. Има лица на кои десетина пати ќе им направиме услуга, но еднаш ако не го добијат тоа што го очекуваат, веднаш ќе нѐ обвинат за себичност и неемпатичност. Најголемата емпатичност треба да биде насочена кон сопствената душа. Затоа, грижи се за себе, грижи се за она што е најсвето, а тоа е спокојот во душата.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)