Акцијата од 72 часа за чистење на Скопје помина, центарот на градот светна, но во другите делови и во пооддалечените населби ѓубрето и натаму остана да личи на декор. Жителите од Општина Гази Баба, поточно од населбата Ченто, од Инџиково и од другите оддалечени места се жалат дека повторно не се собира ѓубрето редовно и оти кантите и контејнерите се преполни со ѓубре. Тие велат дека продолжува истото темпо на изморен полжав.
– Насекаде преполни канти, ѓубре , на тераса почнав да го оставам ѓубрето за да не се растура по улица – се жалат жителите, кои додаваат дека никогаш не било вака со собирањето на ѓубрето и дека веќе е допрено дното.
Во Инџиково, жителите реагираат дека седум недели не било собрано ѓубрето. Велат дека „не сфатиле“ дали 72-часовната акција била за селфи, удирање по рамо и за удирање в гради, еве кој сме и, како што велат, толку, односно секое чудо за три дена.
– Сега ќе има образложение, претходните ги потрошиле парите , па не може веднаш да се подобри состојбата – коментираат незадоволните граѓани.
Други, пак, сметаат дека најголемата вина е во градоначалниците на општините, но и во законот што дозволува, како што нагласуваат, пренаселување и пикање згради на секое ќоше.
– Тоа веќе е маса народ што мора некаде да го фрла ѓубрето. Ако до скоро поминувале два пати неделно, сега треба секојдневно. Но, за тоа потребни се луѓе, камиони и способни градоначалници. Најлесно е да се даде дозвола за зграда, земи провизија. Еве до што доведе тоа и никој не реагира – се жалат револтираните жители.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, во телевизиско интервју призна дека се случуваат пропусти, иако вели дека не е убеден дека многу често се гледаат полни контејнери.
– Јас нема да бидам најискрен ако кажам дека не се случуваат и пропусти, тоа е жива материја и знаат да се случат и пропусти. Но, дејствуваме многу подобро за разлика од појдовната точка и основата што ја имав првиот ден кога влегов во Град Скопје: 16 функционални машини наспроти околу 50 што се функционални сега. Има сериозна разлика – истакна Ѓорѓиевски.
Притоа, најави дека е во план да се купат нови комунални машини.
– Во координација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и со министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, веќе започнавме постапка преку Светска банка за да обезбедиме повеќе од 20 комунални нови машини, кои ќе бидат за потребите на „Комунална хигиена“. Во буџетот на Град Скопје за наредната година ќе бидат предвидени одредени средства за дополнително како Град Скопје и „Комунална хигиена“, да инвестираме во нови машини и во механизација – информираше скопскиот градоначалник.
Зборувајќи за вработените во јавните претпријатија, тој истакна дека во ЈСП „Скопје“ има многу вработени, пред сè возачи со договор на дело, чиј статус, како што рече, треба да се реши.
– Таму има луѓе кои 12-13 години работат со договор на дело и на кои треба трајно да им се реши вработувањето – смета Ѓорѓиевски.
Тој најави и ревизија на работењето во Град Скопје, посочувајќи дека веќе им се одземени надлежностите на 23 раководители на сектори во институцијата со која раководи.
(А. П.)












