„Наградата ја освоивме во конкуренција на осум хорови кои учествуваа во натпреварувачкиот дел на фестивалот и тоа од повеќе земји. Сметам дека со програмата која ја одбравме, и веројатно со самиот настап и сигурноста која ја искажавме, жирито кое имаше навистина тешка задача, донесе одлука ние да го добиеме Гран-прито. На фестивалот, учествувавме со разновидна програма, од пет различни стилови. Идејата беше да покажеме дека ги владееме сите“, посочи за весникот ВЕЧЕР, маестро Сашо Татарчевски
Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар – Скопје на меѓународниот хорски фестивал “Црноморски звуци”, кој од 4 до 8 јуни се одржа во Балчик, Бугарија, ја освои највисоката награда – Гран-при. Ова признание го доби во конкуренција на осум хорови од повеќе земји, со што ја потврди својата посветеност, професионалност и квалитет. Ова е уште еден во низата големи успеси на хорот и маестрото Сашо Татарчевски.
„Наградата ја освоивме во конкуренција на осум хорови кои учествуваа во натпреварувачкиот дел на фестивалот и тоа од повеќе земји меѓу кои Чешка, Бугарија, Естонија, Турија, САД, Ерменија…, а исто толку хорови учествуваа и во ревијалниот дел. Сметам дека со програмата која ја одбравме, и веројатно со самиот настап и сигурноста која ја искажавме, жирито кое имаше навистина тешка задача, донесе одлука ние да го добиеме Гран-прито. На фестивалот, учествувавме со разновидна програма, од пет различни стилови. Изведовме пет композиции, и согласно пропозициите во натпреварувачкиот дел, настапивме со една композиција која го одразува нашето поднебје, „Кољо гидија“ од Александар Лековски, со многу сложени хармонски склопови и ритмички интересна. Таа беше и еден од нашите адути на овој натпревар. Изведовме композиција и од ренесансен автор, од Палестрина, потоа духовна композиција од Кирил Македонски, како и композиција од бугарски автор, како и еден џез аранжман за женски хор. Идејата беше да покажеме дека ги владееме сите стилови. За ревијалниот дел, пак, имавме композиции од Роџерс, од Кирил Македонски, како и од Властимир Николовски“, посочи за весникот ВЕЧЕР маестро Сашо Татарчевски.
Тој додаде дека и претходно учествувал на овој фестивал со хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ од Скопје и тогаш исто така двапати освоиле прво место.
„Бевме навистина одушевени од самиот фестивал, од енергијата и од организаторите, но и од самото место кое ја има една од најубавите ботанички градини во Европа. Балчик е интересно гратче на море речиси на самата романска граница“, додаде Татарчевски.
Освен на натпреварот, хорот учествуваше и на концертите на фестивалот кои се одржуваа на отворено, како и на мастер предавањата каде се изучуваа нови композиции заедно со другите ансамбли учесници.
„Фестивалот беше исполнет со многу настани и концерти, кои се одвива и на плоштадот во градот, а самиот натпреварот се одвиваше во културниот центар ‘Мелницата’. Овие денови можеа да се слушнат различни репертоари и тоа беше прекрасно“, додаде Татарчевски.
Патувањето и учеството на хорот на овој фестивал беа поддржани од Министерството за култура и туризам како и од Град Скопје. Женскиот младински хор при МКЦ продолжува со концерти во текот на јуни кои ќе се одржат во Охрид и Тетово. (Д.Т.)