ФОТО: Youtube
Андреа Иванова, 28-годишна инфлуенсерка од Бугарија, стана глобален феномен поради нејзината амбиција да стане жената со „најголемите усни на светот“.
Од 2018 година, таа инвестирала повеќе од 23.000 евра во филери за усни, но нејзината екстремна трансформација, која вклучува и други козметички процедури, резултираше со сериозни здравствени ризици и тешкотии во секојдневниот живот.
Медицинските експерти долго време изразуваа сериозна загриженост. Лекарите, вклучувајќи ги и оние што ги извршиле нејзините процедури, ја предупредиле дека континуираните месечни инјекции би можеле да имаат фатални последици. Најголемата опасност е некрозата – смрт на ткивото поради недоволен проток на крв, што може да доведе до трајно оштетување, а во најтешките случаи, дури и до смрт.
И покрај предупредувањата за можно воспаление, треска и други компликации, Иванова истрајува во својата намера, поради што некои клиники од безбедносни причини ѝ го одбија понатамошниот третман.
Пластичниот хирург д-р Леонард Јосиповиќ изјави за „Мирор“: „Тука гледаме екстремна модификација на телото што покренува сериозни прашања за медицинската одговорност. Повторното преполнување на усните може да доведе до неповратни компликации, вклучувајќи смрт на ткивото, васкуларна оклузија или дури и слепило. Како професионалци, мора да бидеме доволно храбри да кажеме не.“
Покрај потенцијално фаталните ризици, Иванова се соочува и со практични проблеми што ѝ предизвикуваат физичка болка. Неодамна скршила заб, а потрагата по стоматолог се покажала како исклучително тешка. Според неа, двајца стоматолози во Софија одбиле да ѝ помогнат поради нејзиниот екстремен изглед.
„Тие не ми дадоа конкретно објаснување, само рекоа дека не сакаат да работат на мојот заб поради моите големи усни. Беше јасно дека се згрозени од мојот изглед“, рече Андреа Иванова.
„Една ми рече: „Жал ми е, но не можам да ти го поправам забот – усните ти се преголеми и ќе ми пречат во работата“. Друга беше уште подиректна: „Имаш огромни усни и не можам да ти ја гарантирам безбедноста или да те прифатам во оваа состојба.“ Иванова го смета таквото однесување за непрофесионално и дискриминаторско.
Но, и покрај критиките и ризиците, таа останува решена во своите намери: „Ми е здодевна природната убавина, па затоа решив радикално да го променам својот изглед.“ Таа истакнува дека се соочува со осуда не само од медицинската професија, туку и од сопственото семејство. „Моите родители, баба и дедо постојано ми велат дека моите усни се огромни и дека ме сметаат за страшна. Ми велат дека тоа е „премногу“ и дека сум грда, но не обрнувам внимание на нивните зборови“, вели Андреа.
Таа нагласува дека е возрасна личност која сама донесува одлуки за своето тело и дека има поддршка од своите пријатели. Нејзините амбиции не запираат кај усните, таа најави понатамошни процедури со цел да го постигне рекордот за „најдолгата и најзашилена брада на светот“, со што продолжува со екстремни трансформации и покрај сите опасности.












