Земјотрес со магнитуда од 4,1 степени беше пријавен во сабота наутро во Тенеси и беше почувствуван во Атланта, западна Северна Каролина и на други места, според Геолошкиот завод на САД и локалните вести, пренесе АП.
Веб-страницата на USGS соопшти дека земјотресот се случил кратко по 9 часот наутро по источно време, околу 20 километри од Гринбек, Тенеси, што е околу 48 километри јужно од Ноксвил.
Метеоролозите на телевизиските новински станици што работат во Џорџија и Северна Каролина, исто така, објавија дека ги почувствувале потресите.
Габриела Рајли правела вафли со својот сопруг кога почувствувале како целиот нивен дом се тресе во Браселтон, Џорџија, што е североисточно од Атланта.
„Нашиот тавански вентилатор почна да се тресе околу 10 секунди“, рече таа. „Мислев дека џиновски авион прелетал ниско над соседството, но мојот сопруг рече: „Не, тоа дефинитивно беше земјотрес!“
Земјотресите не се невообичаени во регионот. Сеизмичката зона во Источен Тенеси е една од најактивните на југоисток и се протега низ делови од Тенеси, Џорџија и Алабама.
Два потреси се случија во декември 2018 година. Едниот беше земјотрес со магнитуда од 4,4 степени со епицентар во Декатур, Тенеси, кој се наоѓа јужно од Ноксвил. Ги потресе домовите дури до Атланта.
Друг земјотрес се случи неколку дена подоцна со магнитуда од 3,0 степени. Неговиот епицентар беше околу две милји (четири километри) југоисточно од Маскот, во близина на Ноксвил. Беше почувствуван и во делови од Џорџија, Кентаки и Северна Каролина.