Ракометната репрезентација на Фарските Острови се квалификува за Европското првенство, кое ќе се игра на почетокот од 2026 година, во Данска, Норвешка и во Шведска.  Таа го продолжи својот голем ракометен подем во Приштина, со победата над Косово од 25:23. На овој начин, таа обезбеди место на континенталното натпреварување, по втор пат во својата историја. Таа играше прв пат во 2024 година, во Германија, кога освои еден бод во група со Полска, Норвешка и со Словенија. Фарските Острови станаа земја со најмала популација што се квалификувала за Европското првенство во кој било спорт.

Всушност, тие се покраина со голем степен на автономија во рамките на Данска. Тие имаат само 50.000 жители и нивните спортски успеси, секако, се малку очекувани, но кога е ракометот во прашање, уште еднаш се потврди дека имаат квалитет за најголемите натпреварувања.

Покрај Фарските Острови, по петтото квалификациско коло, место на континенталниот собир обезбедија и репрезентациите на Грузија, Шпанија и на Црна Гора.

Грузија, на домашен терен, ја победи Грција (29:26), додека Шпанците си ја завршија задачата на гостувањето во Италија, која ја „добија“ со 33:29. Црногорците, исто така, со 33:28 славеа над Финска.

На другите мечеви, Холандија ја совлада Украина со 35:27, Србија, на гостински терен, минимално беше подобра од Летонија (27:26), Романија ја изненади Португалија (28:24), додека Израел славеше над Полска (33:31).

Од претходно, учесници на ЕП 2026 преку квалификациите се: Германија, Чешка, Унгарија, Португалија, Словенија, Хрватска и Исланд, бранител на круната е Франција, додека домаќини се Норвешка, Данска и Шведска.

ИЗДВОЕНИ