Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја ќе ја изгуби одбранбената војна против Русија – која изврши инвазија во февруари 2022 година – доколку Соединетите Држави преминат на другата страна и ја поддржат Москва.
„Ако Соединетите Држави застанат на страната на Русија, тогаш, се разбира, ние нема да опстанеме“, рече Зеленски во емисијата „Meet the Press“ на телевизијата „Ен-би-си“. Повлекувањето на постоечката американска поддршка за Киев би претставувало „историска грешка и голема трагедија“, додаде тој.
Оваа недела, американскиот претседател Доналд Трамп ги запре новите санкции против Русија, кои претходно беа одобрени од Конгресот, и најави договор за дизел гориво со Кремљ – потег за кој повеќето економисти сметаат дека нема да помогне во намалувањето на цените на нафтата во Соединетите Држави.
Зеленски изрази загриженост во врска со неодамнешните американски ограничувања што влијаат на воените напори на Украина против Русија. Тој истакна дека употребата на сателитската мрежа „Старлинк“ (Starlink) е ограничена, додавајќи дека таквите постапки всушност му даваат поголема поддршка на Путин.
Тој ги протолкува ограничувањата поставени врз дострелот на украинските контранапади како намерни – како „порака“ од американската влада.
Американската влада повторно споделува разузнавачки податоци со Украина, рече Зеленски, напоменувајќи дека овој проток на информации бил „блокиран одреден период“. Клучните податоци во врска со балистичките ракети биле блокирани – што претставува критичен проблем за Украина, бидејќи „само САД ги поседуваат овие уникатни разузнавачки информации, кои ние не ги добивме за време на нападите со балистички ракети во текот на три дена“. Сега тоа функционира, рече тој, пренесе „Хина“.












