
Овој поранешен комичар, играјќи на картата антикорупција, беше избран за претседател со 72 проценти од гласовите, но енергетската криза и пандемијата на ковид му го нарушија имиџот на „човек од народот“, па уште пред руската инвазија, во декември 2021 година, неговата поддршка падна на 31 процент. По руската инвазија и одбивањето да ја напушти Украина, рејтингот му скокна на неверојатни 91 процент, за да се спушти на сè уште солидни 61 проценти поради скандалот со корупција во енергетиката
Некогаш симбол на отпор и единство, денес политичар соочен со пад на популарноста и корупциски скандали во сопствените редови. Политичката судбина на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во четиригодишната војна доживеа драматичен пресврт.
Избран во 2019 година како политички аутсајдер со антикорупциска агенда, среќата на Зеленски се промени во првите месеци од целосната риска инвазија, кога стана глобална икона на отпорот. Но, исцрпувачката војна и домашните скандали го менуваа расположението на јавноста, пишува „Алџезира“.
Аналитичарите го опишуваат овој модел како типичен за украинската политика – лидерите брзо се промовираат како „спасители на нацијата“, но исто толку брзо ја губат поддршката кога очекувањата остануваат неисполнети.
–Демократијата на Украина е многу жива и многу динамична, но исто така и многу незрела на повеќе начини, честопати потсетувајќи на натпревар за популарност во средно училиште. Политиката се врти околу поединци, а не околу институции, вели Питер Дикинсон, британскиот издавач на списанието „Бизнис Украина“ и уредник на услугата „Украина алерт“ на Атлантскиот совет.
Тој за „Алџезира“ појаснува дека лидерите првично се прифаќаат како национални спасители, за да бидат брзо отфрлени кога очекувањата за брзи промени не се исполнети, нешто што тој го нарекува ефект „од месија до отпадник“.
По руската инвазија, облечен во маслинеста воена маица, обраќајќи ѝ се на нацијата преку кратки видеопораки, Зеленски стана симбол на отпорот. Во страсните говори ги повикуваше Украинците да се вооружат, а неговото одбивање да ја напушти Украина, и покрај предупредувањата од САД, му донесе пофалби и поддршка дома и во странство. Неговиот рејтинг на одобрување тогаш скокна на импресивен 91 процент. Многумина кои го критикуваа претходно го променија своето мислење и граѓаните во него видоа човек кој го дели нивниот страв и нивната судбината. Но, оттогаш украинскиот претседател поминува помалку време на улица, а повеќе е во Претседателската палата и на дипломатски патувања, во обид да добие меѓународна поддршка. Критичарите сега предупредуваат на перцепцијата дека Зеленски ја концентрира моќта во свои раце и ја користи вонредната состојба за зајакнување на претседателските овластувања.
– Луѓето порано го гледаа како обичен човек од улица, но сега го гледаат како дел од естаблишментот, велат аналитичарите.
Голем удар за Украина и за поддршката на Зеленски беше корупцискиот скандал откриен кон крајот на 2025 година, што доведе до претреси и до апсења на високи функционери и оставка на долгогодишниот шеф на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак. Аферата, поврзана со енергетскиот сектор, особено влијаеше на јавноста бидејќи земјата тогаш претрпи руски напади врз енергетската инфраструктура и се соочи со огромен недостиг на електрична енергија и греење. Според декемвриската анкета на Меѓународниот институт за социологија во Киев, 61 процент од Украинците сè уште му веруваат на претседателот, но 32 проценти веќе не му веруваат.
Зеленски, исто така, се соочува со притисок од Вашингтон годинава да организира национални избори, што во време на воена состојба би барало уставни и законски измени. Тој неодамна изјави дека е „подготвен“ за избори, под услов со помош на САД и евентуално Брисел да се овозможи тие да бидат безбедни. И покрај критиките, дел од јавноста верува дека во моментов нема убедлива алтернатива за актуелниот претседател. Валери Залужни, поранешниот командант на украинската армија и сегашен амбасадор во Обединетото Кралство, познат како „железниот генерал“, се споменува како потенцијален предизвикувач на Зеленски, иако тој никогаш не ги истакна своите политички амбиции.
И покрај домашните проблеми, Зеленски сè уште ужива силна поддршка како воен лидер. На пример, по напнатата средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба во февруари 2025 година, кога дел од јавноста доби впечаток дека е под притисок, во Украина беше забележан нов бран патриотизам и зголемување на неговата популарност. Во тоа време, многумина веруваа дека критиките на Зеленски се, всушност, напад врз самата Украина.
Денес тој останува клучна меѓународна фигура во украинскиот отпор, но дома се соочува со реалноста на исцрпено општество, економски тешкотии и длабоко вкоренета недоверба кон политичките елити. Неговиот политички капитал веќе не е неоспорен како во првите месеци од војната, но во земја која сè уште е под опсада, прашањето за лидерството останува неразделно поврзано со прашањето за опстанок на државата.











