Претседателот Володимир Зеленски ги предупреди авиокомпаниите, осигурителите и странските влади на 1 септември дека рускиот воздушен простор ќе стане „де факто затворен“ поради украинските дронови. Украина не ја загрозува цивилната авијација, но превозниците што летаат до Москва, Санкт Петербург или други големи транспортни центри мора да сметаат на ризик, објави Зеленски на Телеграм, објави „Киев Индепендент“.
„Денес сакаме да ги предупредиме сите авиокомпании што го користат рускиот воздушен простор, сите осигурители и сите што продолжуваат да ги користат клучните руски аеродроми – руското небо станува исклучително опасно“, рече тој. Тој додаде дека руското небо ќе биде де факто затворено, иако руските власти не известуваат за ова како што треба и нагласи дека Русија е единствено одговорна за оваа ситуација поради војната што ја води против Украина.
Во објава на „Телеграм“, Зеленски се обрати и до амбасадорите во Киев и Москва. Тој ги повика да ги предупредат своите влади и авиокомпании што летаат до дестинации во Русија. Тој исто така најави дека украинските власти ќе им ги достават на меѓународните тела сите релевантни информации за овие закани.
Руските градови, вклучително и Москва, постојано се цел на напади со беспилотни летала, што често предизвикува привремено затворање на аеродромите. Иако рускиот главен град е силно бранет од воздушни закани, украинските власти претходно изјавија дека го гледаат прекинот на воздушниот сообраќај како стратешки начин за доближување на последиците од војната предводена од Кремљ до руското население.












