петок, февруари 6, 2026
Дома РАЗНО Завршија преговорите САД-Иран во Оман, ќе има продолжение

Завршија преговорите САД-Иран во Оман, ќе има продолжение

36

Во Мускат, главниот град на Оман, заврши рундата индиректни преговори меѓу Иран и САД. Според иранската државна новинска агенција ИРНА, двете страни покажале „подготвеност да продолжат“.

Новинската агенција Тасним, исто така поврзана со иранските власти, објави дека е договорено разговорите да продолжат „во друго време“, без да прецизира кога тоа би можело да се случи.

За време на преговорите, иранската и американската делегација разменија ставови и предлози со посредство на министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди.

Иранската дипломатска делегација ја предводеше министерот за надворешни работи, Абас Аракчи. САД ги претставуваа Џаред Кушнер, зет на претседателот Доналд Трамп, и специјалниот американски пратеник Стив Виткоф. Во разговорите учествуваше и командантот на Централната команда на САД (CENTCOM), адмирал Бред Купер.

Министерот за надворешни работи на Оман, кој посредуваше во преговорите меѓу Иран и САД, изрази оптимизам за нивното продолжување.

-Денеска, во Мускат се одржаа многу сериозни посреднички разговори меѓу Иран и САД. Беше корисно да се разјаснат позициите и на иранската и на американската страна и да се идентификуваат областите за можен напредок. Нашата цел е повторно да се сретнеме во догледно време, а резултатите ќе бидат внимателно разгледани од Техеран и Вашингтон, рече шефот на оманската дипломатија, Саид Бадр Албусаиди, во објава на X.

ИЗДВОЕНИ